Сите министри од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), односно првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерот за финансии Фатмир Бесими денеска преку нивните профили не Фејсбук соопштија дека ги потпишале оставките и ги доставиле до премиерот Димитар Ковачевски.
Во содржината на оставките кои се очекува денеска формално да бидат доставени до премиерот, министрите од ДУИ, меѓу другото, наведуваат дека големите одлуки бараат одговорност, но и политичко, национално и државно жртвување кај секој еден од нив. Велат дека ДУИ не отстапува од интеграцијата на земјава во Европската Унија и оти е свесна за надежите на граѓаните за нејзиното членство во европското семејство.
Видете и ова: Оставките на ДУИ - реални отстапки или тактички маневар?
Министрите од ДУИ на 30 јули најавија дека ќе поднесат оставки од функциите што ќе станат ефективни откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.
„Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките, г. Премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени“, стои во објавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети на Фејсбук.
Инаку, едно од барањата на опозицијата на лидерската средба меѓу претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ беше да се формира влада во која нема да учествува ДУИ.