Во голема акција на северот од земјава, на територијата на Суботица, српската полиција открила 200 мигранти и запленила поголема количина муниција и оружје.
Таканаречената мигрантска рута од Западен Балкан низ Турција, Бугарија, Северна Македонија и Србија е главната рута за мигрантите и бегалците во Европската унија (ЕУ), при што многумина користат сложени шверцерски мрежи.
Началникот на полициската управа на Министерството за внатрешни работи (МВП) на Србија, полковник Ивица Ивковиќ изјави дека полициската акција била спроведена на 1 август околу 3 часот по полноќ.
„Најдовме осум автоматски пушки, една карабина, два пиштоли, неколку различни калибри муниција, 13 парчиња радио комуникација што ги користеа за криумчарење луѓе“, изјави тој за новинарите, без да прецизира кој и каде е пронајдено оружјето.
„Кампањата се уште трае и оваа бројка ќе биде значително поголема“, изјави Ивковиќ.
Видете и ова: Српската полиција истражува видео снимки за полициско насилство врз мигрантиТој посочи дека припадниците на МУП се во интензивна акција на територијата на градот Суботица, на површина од повеќе од 6 800 хектари. Во акцијата се вклучени апсолутно сите единици на МУП, специјални антитерористички единици, Жандармерија, Управа за криминалистичка полиција, интервентни единици, повеќе од 800 припадници на полицијата.
Ивковиќ додаде дека припадниците на МУП преземале слични акции и во претходниот период и дека полицијата во Суботица заедно со други единици секојдневно преместувала од 70 до 100 мигранти во други прифатни центри во Србија.
Граничната зона меѓу Србија и Унгарија во последно време е често место на конфликт меѓу шверцерските групи.
Жителите на населените места околу Суботица, кои се наоѓаат во пограничниот појас со Унгарија, претходно во полиција пријавиле пукотници од блиските шуми.
Во јуни 2023 година, три лица беа ранети во престрелка во Макова седница кај Суботица. По тој инцидент полицијата уапсила две лица.
Во судирот меѓу шверцерски групи, што се случи во јули минатата година на истото место, едно лице загина, а неколку други беа ранети.