Русија го нападна источниот украински град Харков во текот на ноќта со најмалку три беспилотни летала, погодувајќи студентски дом и ранувајќи најмалку едно лице, соопштија регионалните власти.
Градоначалникот Ихор Терехов истакна дека сите дронови биле насочени кон предградијата на градот.
„Еден од дронови уништи два ката од еден од студентските домови. Избувна пожар. Единиците на Државната служба за вонредни состојби работат на терен“, изјави Терехов.
Началникот на регионалната полиција Володимир Тимошко за националната телевизија изјави дека едно лице е рането.
Харков, кој се наоѓа во близина на границата со Русија, често е цел на руски напади.
Во меѓувреме беспилотно летало удрило во кула во деловниот кварт на Москва, изјави во вторникот градоначалникот на руската престолнина, додавајќи дека противвоздушната одбрана соборила неколку такви дронови.
„Противвоздушната одбрана собори неколку беспилотни летала кои се обидуваа да се движат кон Москва. Еден од тие авиони ја погоди кулата, која веќе беше цел на таков напад“, рече градоначалникот Сергеј Собјанин на Телеграм.
Видете и ова: Доаѓа ли војната на територијата на Русија?Собјанин рече дека фасадата на 21-от кат на кулата е оштетена и дека се скршени прозорците на површина од 150 метри квадратни.
„Нема информации за жртви“, рече Собјанин, додавајќи дека итните служби се на местото на настанот.
Меѓународниот аеродром „Внуково“ во Москва беше привремено затворен пред да се врати во нормална работа, јави ТАСС.
Ноќта меѓу саботата и неделата по напад на украински беспилотни летала било скршено стакло на неколку прозорци на две згради во деловниот кварт на Москва Сити, соопштија руските власти.
Нападите на и околу Москва, лоцирана на околу 500 километри од украинската граница, се ретки од почетокот на конфликтот во февруари 2022 година. Сепак, во последниве месеци, неколку дронови ја таргетираа Москва, вклучително и напад со беспилотни летала врз Кремљ во мај 2023 година.