И Талат Џафери најавува повлекување од функцијата, ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени

Талат Џафери - претседател на Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во интервју за новинската агенција МИА, изјави дека би ја следел одлуката на министрите на Демократската унија за интеграција и би се повлекол од функцијата, доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставни измени.

„Следствено ако сите си одат, зошто ја би инсистирал да останам“, изјави Џафери.

Ставот на Џафери е дека парламентарни избори треба да има во редовен термин. На прашањето дали избори за кратко време би и помогнале ДУИ да успее да задржи што е можно повеќе гласови, вели дека за тоа треба пресметки да направат партиските органи.

„Јас колку што знам ДУИ се има изјаснето мандатот да оди како редовен мандат и да се вратиме во процесот и во системот на четиригодишен мандат. Но, вчерашната одлука која што е изјавена е во конктекст на она што беше резултат или изјава на лидерската средба помеѓу премиерот и претседателот на опозицијата.“, вели Џафери.

Видете и ова: Оставките на ДУИ - реални отстапки или тактички маневар?

На прашањето дали се согласува со ваквото делување на ДУИ и дали ќе го следи, Џафери вели дека ако е во полза на идејата, ќе ја следи ваквата одлука.

„Ако сте дел од некоја организација ако има можности ќе си го кажете мислењето и на крај ако има одлука, доколку сакате да продолжите да сте дел од организацијата ќе ја испочитувате одлуката која што е донесена во спротивно треба да решите да одите од субјектот“, вели Џафери.

Вчера, лидерот на ДУИ, Али Ахмети објави на Фејсбук дека министрите од ДУИ поднеле оставки од функциите, а ќе почнат да важат откако ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени.

Видете и ова: Министрите на ДУИ поднесоа оставки, ќе важат кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени

Ахмети вели дека државата се наоѓа во критична фаза за нејзината европска иднина и дека ДУИ ќе ја преземе одговорноста како политичка партија. Партијата се решила на ваков чекор, како што вели Ахмети, прифаќајќи го условот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поддржи уставни измени без ДУИ во влада.

Но, ВМРО-ДПМНЕ побара оставките на министрите од ДУИ да бидат неотповикливи и потоа да се организираат брзи предвремени парламентарни избори.

Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ бара неотповикливи оставки на министрите од ДУИ и брзи избори