Европската Комисија усвои сет на нови насоки за да им помогне на членките на ЕУ да се прилагодат на климатските промени и подобро да се подготват за нивните последици.
Потпретседателот на Комисијата за европски зелен договор Франс Тимерманс рече дека овие упатства ќе им помогнат на сите земји, региони и локални власти на ЕУ да планираат ефективни мерки за адаптација за заштита на граѓаните, бизнисите, градовите и природата од влијанието на климатските промени.
„Временските настани што многу Европејци ги доживуваат деновиве ќе станат уште поекстремни и почести ако климатските промени продолжат неконтролиранo. Тие се болен потсетник дека активностите за ублажување и адаптација треба да се забрзаат“, рече Тимерманс.
Во соопштението на Европската Kомисија се вели дека влијанијата од неконтролираните климатски промени се добро познати и веќе земаат голем данок, од екстремни топлотни бранови и катастрофални суши, до смртоносни шумски пожари и ерозија на крајбрежјето поради зголемувањето на нивото на морето.
„Целта на овие упатства е да им помогне на земјите-членки да ги подобрат своите подготовки за реалноста од овие брзо растечки последици“, рече Комисијата.
Видете и ова: Научниците предупредуваат дека клучната океанска струја во Атлантикот е блиску до колапсНасоките на ЕК треба да им помогнат на земјите да ги ажурираат и имплементираат сеопфатните национални стратегии, планови и политики за адаптација во согласност со Европскиот закон за климата и Стратегијата за адаптација на климатските промени.
Политиката за адаптација треба да вклучува, меѓу другото, законодавна рамка наместо „мека политика“, редовно ажурирање на стратегиите и плановите, проценки на климатскиот ризик врз основа на резултатите од редовното тестирање на инфраструктурата и системите, како и постојано следење и евалуација на сите активности.
Во креирањето на политиките треба да учествуваат сите заинтересирани страни, вклучително и оние кои се особено ранливи на климатските промени, како и сите релевантни сектори и сите нивоа на јавна администрација, со доволно кадровски и финансиски ресурси.
Насоките, исто така, укажуваат на потребата да се намали нееднаквиот товар на климатските ризици и да се обезбеди правичност во распределбата на придобивките од адаптацијата. Бидејќи сите членки веќе имаат стратегии или планови за прилагодување на климатските промени, овие упатства треба да им помогнат да ги обноват и подобрат.