ВМРО-ДПМНЕ бара неотповикливи оставки на министрите од ДУИ и брзи избори

Партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ бара оставките на министрите од ДУИ да бидат неотповикливи и потоа да се организираат брзи предвремени парламентарни избори.

Опозициската партија смета дека е добро што ДУИ по 20 години власт е подготвена да замине во опозиција и како што велат ќе може да одговараат за криминалот и да ја докажуваат својата невиност.

Ова е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по објавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети министрите на ДУИ поднеле оставки кои ќе стапат на сила откако опозицијата ќе гласа за утавните измени.

„Откако ДУИ го направи првиот чекор, си поднесоа оставки, сега само тие да бидат неотповикливи и да одиме на брзи избори, бидејќи се друго е одолговлекување и играње играчки на грбот на државата и иднината на граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, за оставките на министрите од ДУИ, јавноста ја информира лидерот на партијата Али Ахмети на неговиот Фејсбук профил.

Видете и ова: Министрите на ДУИ поднесоа оставки, ќе важат кога ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за уставните измени

Во обраќањето до Ковачевски, Ахмети вели дека државата се наоѓа во критична фаза за нејзината европска иднина и дека ДУИ ќе ја преземе одговорноста како политичка партија. Како што пишува Ахмети, тие се решиле на ваков чекор прифаќајќи го условот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ дека ќе поддржи уставни измени без ДУИ во влада.

За владејачката СДСМ, пак, исполнети се сите услови кои ги дал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и дека сега одговорноста се наоѓа во негови раце. Од таму велат дека ставајќи го државниот пред партискиот интерес, ДУИ покажала одговорност кон врвната стратешка цел, европската иднина на Северна Македонија.

„Со одлуките на Централниот одбор на СДСМ, како и со оваа одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и влада без ДУИ. Големите државнички одлуки бараат државнички капацитет и одговорност. На потег е Христијан Мицкоски да покаже и докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или само својата фотелја во Белата палата“, се вели во нивното соопштение.