Тешки борби на југот на Украина, спасувачката операција запрена во градот Днипро

Последици од рускиот ракетен напад во Днипро, 28 јули 2023

Украинската државна служба за итни случаи на 29 јули објави дека девет лица, меѓу кои две деца, се ранети во ракетен напад на руските сили што се случи претходната вечер врз градот Днипро.

Во нападите е погодена зграда што ја користи Службата за безбедност на Украина (СБУ) и станбена зграда.

Спасувачките операции се стопирани во централниот украински град Днипро по ракетниот напад, додека тешките борби продолжуваат на југот на земјата.

Украинската војска на 29 јули соопшти дека претходниот ден имало 27 судири меѓу украинските сили и руските војници, при што руските сили извршиле напади во источните региони Луганск и Доњецк.

Видете и ова: Поголемиот дел од Украина под воздушна тревога, тешки борби на истокот и југот

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го осуди нападот на 28 јули, нарекувајќи го „руски ракетен терор“ што се случи додека Украина го прославуваше својот национален ден, јавува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Зеленски во своето ноќно обраќање рече дека веднаш разговарал со СБУ, Министерството за внатрешни работи, Државната служба за итни случаи и командантот на украинската армија откако биле погодени станбената зграда и зградата на СБУ.

Украинските војници се вклучени во тешки борби додека контраофанзивата на Киев се чини дека се интензивира во јужниот регион Запорожје по месеци бавен напредок, соопштија украинските воени претставници.

На 28 јули се водеа борби на повеќе точки долж борбената линија долга повеќе од 1.000 километри, а Москва го обвини Киев дека истрелал два проектила што го погодиле пограничниот регион Ростов во јужна Русија.

На 28 јули се водеа борби на повеќе точки долж борбената линија долга повеќе од 1.000 километри, а Москва го обвини Киев дека истрелал два проектила што го погодиле пограничниот регион Ростов во јужна Русија.

Видете и ова: Украинските сили тврдат дека контраофанзивата напредува

Руското Министерство за одбрана соопшти дека соборила еден од проектилите во градот Таганрог во Ростовската област, на околу 40 километри источно од границата со Украина. Локалните власти известија дека 20 лица се повредени и рекоа дека покривот на уметничкиот музеј е оштетен.

Олексеј Данилов, секретар на Украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, ги обвини руските системи за воздушна одбрана за експлозијата.

Министерството за одбрана соопшти дека во Азовската област била соборена втора украинска ракета, а остатоци паднале на ненаселена локација.

Претходно денеска беше соборен украински дрон надвор од Москва, соопшти руското Министерство за одбрана. Ова беше трет напад со беспилотни летала во главниот град овој месец. Министерството извести дека во инцидентот нема повредени или штета, но, не ја прецизира точната локација каде паднал дронот.