Османи: Инцидентите со навивачите да не се ставаат во корелација со односите меѓу двете земји

Бујар Османи - министер за надворешни работи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на прашањето за реакциите на бугарските политичари дека со инцидентите во пресрет на завчерашниот фудбалски натревар Северна Македонија се оддалечува од Европа, рече дека е жално настанот да се става во политички контекст.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, упати порака да не се ставаат односите меѓу навивачите во контекст на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија или било кои етнички групи или народи. Ова го истакна Османи на денешниот брифинг со новинарите на кој одговараше на прашања поврзани со случувањата пред натпреварот на фудбалките клубови Шкупи и Левски во Скопје, велејќи дека навивачкиот свет е посебен и доколку лесно се направи поврзување, ќе се направи штета на односите меѓу двете земји.

На прашање од бугарските новинари да ги коментира изјавите од некои бугарски политичари дека со овие инциденти Северна Македонија се оддалечува од Европа, Османи посочи дека „тоа е жално и некоректно“.

„Ставот на МНР на Република Бугарија беше коректен и тоа јас го ценам како однос на бугарската држава. Политичките партии коишто се обидуваат да добијат политички поени на основа на тензии меѓу навивачите, не и мислат добро ниту на Бугарија, ниту на Северна Македонија, ниту на односите помеѓу двете држави, уште помалку на основа на тензии меѓу навивачи да ја процениме европската подготвеност на Северна Македонија“, рече Османи.

Видете и ова: Шкупи vs Левски - натпревар што резултира со повредени и апсења

Потсети дека МНР веќе ги осуди и побара од надлежните органи да ги преземат сите мерки за да се идентификуваат сторителите и да се изведат пред лицето на правдата.

Тој информира дека и пред натпреварот е комуницирано на ниво на Влада и дека натпреварот е квалификуван како натпревар од висок ризик, а полицијата и МНР ги презеле сите мерки за да не дојде до насилство меѓу навивачите.

„Порано во Северна Македонија често имаше вакви инциденти од различни етнички групи и заедници, секогаш ми бил ставот дека не може преку навивачите да се донесат заклучоци во однос на одностие што ги имаат различните етнички групи, а во овој случај навивачите. Тоа е посебен свет во кој навивачите имаат посебен однос и никогаш не треба ваквите случувања помеѓу клубовите, помеѓу навивачите од било кои групи да се ставаат во контекст на политичките односи внатре или помеѓу државите“, рече министерот за надворешни работи.

Османи информираше дека повредениот е во добра здравствена состојба и е во комуникација со Амбасадата на Р. Бугарија и нашите здравствени власти се однесуваат најпрофесионално за да излезат во пресрет на потребата за згрижување.

Видете и ова: Идентификувани напаѓачите во Чаир, Ковачевски вели дека инцидентот го предизвикале хулигани од двете страни

Во пресрет на завчерашниот фудбалскиот натпревар помеѓу Шкупи и Левски, меч кој УЕФА претходно го означи како високоризичен, беа приведени 21 навивач, еден беше повреден со убод од нож, а полицијата успеа да ги идентификува неговите напаѓачи. Овој натрепвар УЕФА претходно го означи како високоризичен.

Од вкупно уапсените, 19 се навивачи на софискиот клуб Левски. Другите двајца се навивачи на скопски „Шкупи“, кои околу полноќ биле уапсени бидејќи учествувале во тепачка.

Видете и ова: ОЈО работи на расчистување на инцидентот со повредениот бугарски навивач

Основното јавно обвинителство објави дека работи на расчистување на инцидентот со повредениот бугарски навивач.

Според првичните сознанија на ОЈО, до настанот дошло додека навивачи на ФК “Левски” со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар “Чаирчанка”, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.

За инцидентите известуваат и бугарските медиуми

Насилствата кои се случија во пресрет на фудбалскиот натпревар во Скопје се во фокусот на известувањата и во Бугарија. Повеќе навивачи во сведоштва за тамошните медиуми раскажуваат за поинаква верзија на настаните и обвинуваат за провокации од македонската полиција и навивачите на ФК Шкупи. Некои од нив, пак, тврдат дека биле неоправдано приведени, откако претходно без никакви провокации биле претресени, оценувајќи дека односот што го добиле има политичка основа.