Украина во иднина Божиќ наместо на 7 јануари, како што беше досега, ќе го слави на 25 декември, согласно законот што во петокот го потпиша претседателот Володимир Зеленски.
„Украинскиот народ долго време беше подложен на руската идеологија во речиси сите животни сегменти, така што Божиќ се славеше според јулијанскиот календар, на 7 јануари“, се наведува во образложението на текстот што претставниците го изгласаа во средината на јули.
Во него се наведува и дека „силното оживување на украинската нација продолжува. Постојаната борба за сопствениот идентитет придонесува за свеста и желбата на секој Украинец да го живее својот живот во согласност со традицијата и сопствените празници“.
Видете и ова: Поголемиот дел од Украина под воздушна тревога, тешки борби на истокот и југотБожиќниот потег е последен во серијата потези што Украина ги презеде во последниве години за да се дистанцира од Москва, вклучително и преименување на улици и градови кои потсетуваат на советската ера.
Законот го одразува јазот кој со години постепено расте меѓу црквите во Киев и Москва, а дополнително се влоши со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Украинската православна црква беше прогласена за автокефална и независна од Московската патријаршија во 2019 година.
Неколку православни цркви во светот, вклучително и руската и српската, го користат јулијанскиот наместо грегоријанскиот календар за верски прослави.