МНР го осуди насилството на натпреварот Шкупи - Левски

Министерство за надворешни работи

Министерството за надворешни работи (МНР) ги осудува вчерашните инциденти во Скопје, пред, за време и по натпреварот Шкупи – Левски.

во пресрет на фудбалскиот натпревар помеѓу Шкупи и Левски, меч кој УЕФА претходно го означи како високоризичен, беа приведени 21 навивач, а еден беше повреден со убод од нож.
Инцидентите се случија пред квалификацискиот меч за Конференциската лига на Европа.

МНР наведува дека насилството е неприфатливо во ниту еден случај, особено не кога резултира со тешки повреди.

Видете и ова: Шкупи vs Левски - натпревар што резултира со повредени и апсења

Органите за безбедност, додава МНР, ја имаат сета поддршка во спроведувањето на јавниот ред и мир.

„Повредениот бугарски државјанин е третиран професионално и со соодветна грижа; во моментов тој се наоѓа во стабилна, но тешка состојба, и по хируршкиот третман закрепнува во болница во Скопје. Претставници на бугарската амбасада се во постојан контакт со повредениот бугарски државјанин и неговите роднини, како и со локалните здравствени власти“, велат од МНР.

Инаку, од вкупно уапсените, 19 се навивачи на софискиот клуб Левски. Од нив, осум лица се приведени за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив.

Министерството за внтарешни работи (МВР) ги гони за нарушување на јавниот ред и мир пред почетокот на натпреварот на арената „Тодор Проески“.

Меѓу приведените се и двајца навивачи на скопски „Шкупи“ кои околу полноќ биле уапсени бидејќи учествувале во тепачка.

МВР соопшти дека веќе ги идентификувала и напаѓачите на четворицата бугарски навивачи кои со две возила се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”. Едниот од нив, 29 годишен бугарски државјанин заврши со убод од нож.