Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска рече дека изјавата на претседателот на Собранието Талат Џафери, дека ќе ја одложи седницата ако нема 80 гласа за уставни измени, потврдувала дека нема двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници за нивно донесување. Tој посочи дека единствено решение, за како што рече, „излегување од агонијата“, се предвремени парламентарни избори.
„Она што е важно да се заклучи од изјавата на Талат Џафери е дека немаа 80 пратеници, односно немаат две третини во македонскиот Парламент, кој ќе поддржи бугарски диктат. И тоа ние го зборуваме повеќе од една година. Наместо да го распуштат Парламентот, наместо сите 120 пратеника да гласаат за распуштање и да организираме предвремени парламентарни избори оваа есен, тие ја продолжуваат агонијата кај граѓаните во Македонија“, изјави денеска Мицкоски.
Видете и ова: Џафери: Можно одложување на гласањето за уставните измени, ако не се обезбедат 80 пратенициПретседателот на Собранието Џафери вчера изјави дека гласањето за уставните измени би можело да се одложи ако не се обезбеди потребното мнозинство од 80 гласа.
Но, тој денеска изјави дека доколку опозицијата сака избори, тогаш треба да поднесе предлог до Собранието и дека веднаш ќе свика седница.
„Ако мислите за избори, уште сега поднесете предлог и истиот ден ќе ја свикам седницата, нема да ве спречувам во тоа. Волјата на пратениците, јас нема да ја попречам, ама не може да биде одлука на партиски орган дека сака избори. Таа партиска одлука треба да се преточи во постапка во Собранието од надлежни подносители на иницијативата“, рече Џафери, пренесува МИА.
Расправата на пленарна седница за Уставни измени ќе почне на 18-ти август. Како што објасни вчера Џафери, таа во принцип трае 10 работни дена.
Според претседателот на законодавниот дом, понатаму сѐ ќе зависи од моменталната состојба, односно дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство.
Видете и ова: Европски дипломати - без уставни измени постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и АлбанијаУставните измени влегоа во собраниска процедура, откако на 18 јули поминаа на владина седница. Процесот во Собранието започнува точно една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија (ЕУ).
За да се одржи втората конференција и да почне отворањето на поглавјата, во Собранието треба да се усвојат измени на Уставот, со кои ќе се внесат и Бугарите во него. Освен бугарскиот народ, во Преамбулата се внесуваат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и еѓипќанскиот народ, соопшти Владата.
Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови поради противењето на опозицијата.