Бајден и се заблагодари на Мелони за поддршката за Украина

Американскиот претседател Џо Бајден и италијанската премиерка Џорџа Мелони

Американскиот претседател Џо Бајден им се заблагодари на премиерката Џорџа Мелони и на Италијанците за нивната „многу силна поддршка“ за Украина, јавуваат агенциите.

Првото патување на десничарката Мелони во Белата куќа како премиерка ги седна на маса двајцата лидери на групата Г7 со прилично радикално различна внатрешна политика, кои сепак најдоа заеднички јазик за надворешнополитичките прашања од нејзината инаугурација во октомври минатата година.

Италија, која ќе го преземе ротирачкото претседавање со групата Г7 земји на почетокот на следната година, зазеде строг став за руската инвазија на Украина и навести дека Рим може да го прекине учеството во кинеската глобална иницијатива за инфраструктура „Појас и пат“.

„Италија и САД цврсто стојат со Украина и ви честитам за силната поддршка во одбраната од руските злосторства. И му благодарам на италијанскиот народ. Сакам да им се заблагодарам што ве поддржуваат и ја поддржуваат Украина. Тоа прави голема разлика “, рече Бајден на еден дел од состанокот што беше отворен за новинарите.

Видете и ова: Зеленски на средби со Матарела и Мелони: Италија е на украинска страна

Во заедничката изјава по разговорите, двајцата лидери повторно ветија дека ќе ја задржат поддршката за Украина „колку што е потребно“.

Тие, исто така, отворија и други прашања од надворешната политика, како што се „виталната важност за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“, претстојното италијанско претседавање со Г7, стабилноста во Индо-пацификот, создавањето „нов простор дијалог" и поголема соработка во областа на сајбер безбедноста, како и посилни "билатерални и мултилатерални консултации за можностите и предизвиците што ги презентира Кина".

Мелони рече дека американско-италијанските односи треба да останат силни „без оглед на политичките бои“ на лидерите на земјите во секој момент. Таа рече дека во нивниот одговор на руската инвазија на Украина, „западните народи покажаа дека можат да се потпрат еден на друг“.