Коментирајќи ги вчерашните инциденти пред натпреварот меѓу фудбалските клубови Шкупи и Левски во Скопје, премиерот Димитар Ковачевски рече дека нема информација дали Бугарија испратила протестна нота, но рече дека доколку дошло до тоа, Министерството за надворешни работи соодветно ќе одговори.
„Тоа што вчера се случи беше резултат на хулигани и луѓе кои немаат никаква врска со спортот и од едната и од другата страна. Министерството за надворешни работи ги прима нотите и соодветно ќе одговори на бугарската нота“, изјави Ковачевски кој присуствуваше на поставување камен темелник на Полициската станица Аеродром.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пак изјави дека полицијата привела 21 лице пред фудбалскиот напревар, а за инцидентот во Чаир, каде има и едно приведено лице, биле идентификувани напаѓачите.
Видете и ова: ОЈО работи на расчистување на инцидентот со повредениот бугарски навивачТој посочи дека бугарските навивачи кои вчера организирано пристигнале на граничниот премин „Деве Баир“, добиле полициска придружба и во кордон биле донесени до стадионот во Скопје за да го проследат натпреварот.
„Тоа беше натпревар оценет како натпревар од висок ризик. Меѓутоа, морам да кажам дека од почетокот на натпреварот до неговото завршување практично и да немавме некаков инцидент. На почетокот при влегувањето имавме една група на навивачи кои дојдоа од соседна Бугарија и кои практично се однесуваа насилно кон припадниците на македонската полиција. Приведени се вкупно 21 лице, од кои 19 бугарски државјани и двајца македонски државјани кои се приведени и биле дел од навивачката група на Шкупи, рече Спасовски.
Претходно вечерта во Чаир беше прободен бугарски државјанин. Спасовски кажа дека инцидентот со прободувањето на бугарски навивач се случил оти возилото неорганизирано поминало низ Чаир и оцени дека нападот е резултат на провокација.