Американскиот специјален обвинител ја прошири истрагата против поранешниот претседател Доналд Трамп за да вклучи еден од неговите вработени, кој е обвинет дека му помогнал на Трамп да ги скрие доверливите документи за националната безбедност што ги зел од Белата куќа.
Освен што го обвини поранешниот претседател дека свесно чувал доверливи документи во неговата резиденција на Флорида по истекот на неговиот мандат, американскиот специјален обвинител Џек Смит поднесе и нова кривична пријава против Карлос Де Оливеира, работник за одржување во имотот на Трамп во Мар-а-Лаго.
Де Оливеиро е обвинет дека му помогнал на поранешниот претседател да ги скрие доверливите документи од службениците кои се обидувале да ги најдат и да ги вратат во Белата куќа. Имено, обвинителите се сомневаат дека 56-годишниот вработен, по наредба на Трамп, ги избришал снимките од надзорните камери и ги лажел агентите на ФБИ кога им рекол дека нема никаква врска со носењето на кутиите со документи во Мар-а-Лаго.
Видете и ова: Трамп е известен за истрагата околу обидите за поништување на изборните резултати од 2020 годинаИзвештаите беа објавени неколку часа откако Трамп рече дека неговите адвокати се сретнале со претставници на Министерството за правда кои ја истражуваат неговата вмешаност во обидот да се спречи Џо Бајден да биде прогласен за победник на претседателските избори во 2020 година, за што наскоро би можело да биде покренато друго обвинение против него.
„Ова е уште еден во низата очајни и неуспешни напади на семејството Бајден и Министерството за правда“, се вели во соопштението на кампањата на Трамп по проширувањето на истрагата за прикривањето на документите.
Сепак, гореспоменатите обвинувања не и наштетија на позицијата на Трамп како фаворит во трката за номинација на Републиканската партија на претседателските избори следната година, пишува Ројтерс.
Напротив, неговата предност пред неговиот најголем ривал, гувернерот на Флорида, Рон де Сантис, се зголеми. Според анкетата на Ројтерс/Ипсос претходно овој месец, Трамп ужива поддршка од 47 отсто од републиканските гласачи, додека Де Сантис има поддршка од 19 отсто. Односот меѓу двајцата републиканци во март годинава, во пресрет на првото обвинение во Њујорк, беше 44-29 отсто во корист на Трамп.