Основното јавно обвинителство Скопје ги издало сите потребни наредби и насоки за идентификација на лицата кои учествувале во инцидентот во кој вчера беше повреден еден навивач на фудбалскиот клуб “Левски” од Софија.
Според првичните сознанија на ОЈО, до настанот дошло додека навивачи на ФК “Левски” со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар “Чаирчанка”, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.
Видете и ова: Инциденти на арената „Тодор Проески“ - приведени девет навивачи на бугарскиот клуб Левски„Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба“, се наведува во соопштението од ОЈО.
Оттаму додаваат дека, со цел утврдување на идентитетот на граѓаните кои учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и целосно расчистување на настанот, биле подигнати траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Од ОЈО додаваат дека се обезбедени видео записи од околните објекти и од камерите на системот “Безбеден град”, а се преземаат и други дејствија.
Што се однесува до останатите инциденти поврзани со навивачи на ФК Левски во текот на вчерашниот ден, Обвинителството е известено дека се процесуирани прекршoчно.
Инаку тензичната атмосфера пред почетокот на натпреварот меѓу фудбалските екипи на домаќинот Шкупи и Левски од Бугарија во квалификацискиот натпревар за Конференциската лига на УЕФА прерасна во тепачка со полицијата на арената „Тодор Проески“.
Од МВР за Радио Слободна Европа потврдуваат дека девет лица се приведени и против нив ќе биде покрената соодветна постапка.