Жители на Оризари упаднале во ЕВН Куманово, вработените ги напуштиле работните места

Упад на жителите од село Оризари во ЕВН Куманово, 27 јули 2023

Револтирана група на жители на селото Оризари, кои од вчера немаат струја, насилно влегла во просториите на ЕВН во Куманово.

Оттаму велат дека вработените на КЕЦ Куманово ги напуштиле работните места од безбедносни причини и поради непостоење на услови за работа.

„Се до создавање на нормални услови за работа, Корисничкиот енерго центар на ЕВН - Куманово нема да работи“, велат од КЕЦ Куманово.

Ова следува откако жителите на селата Оризари и Слупчане останаа без струја по дефектот предизвикан од мештаните по упад во мрежата. Жителите на липковско Слупчане во текот на вчерашниот ден повторно не им дозволиле на екипите на ЕВН да работат на мрежата.

Упад на жителите од село Оризари во ЕВН Куманово, 27 јули 2023

Од ЕВН информираа дека сѐ додека не се создадат нормални услови за работа и не се загарантира сигурноста на вработените на „Електродистрибуција“, нема да работат на санација на дефекти или да извршуваат редовни работни активности во овие села.

„Дефектот во снабдувањето на електричната енергија во селото Слупчане е резултат на контуинирано нелегално користење на електричната енергија. За жал, некои од липковските села се исто така опфатени со ова и се соочуваат со прекин во снабдувањето. Екипите на ‘Електродистрибуцијата’ при извршување на редовните работни активности или санација на дефект во ова село често се соочуваат со вербални и физички напади. Тоа се случуваше токму денес“, информираа вчера од „Електродистрибуција“.

Видете и ова: Жителите на Слупчане повторно не им дозволиле влез на екипите на ЕВН во селото

Министерството за економија ги повика граѓаните во државата редовно да си ги намируваат обврските кои ги имаат кон енергетските компании.

„Секој граѓанин кој се снабдува со електрична енергија во државата има обврска да плати за електрична енергија толку колку што потрошил“, повикаа од министерството.

Пред околу три недели мештаните ветија дека ќе им дозволат на екипите на ЕВН да работат. На средба со нив беа министерот за економија, Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково, Еркан Арифи.

Загубите во Слупчане се 80 проценти, а наплатата е 20 отсто, велат од ЕВН.