Од Слупчане до Кевин Спејси
САД - Советникот на американскиот државен секретар, Дерек Шоле, кој се занимаваше со регионот на Западен Балкан, е номиниран за функцијата потсекретар во Министерството за одбрана на Соединетите Држави.
Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен му честиташе на Шоле за номинацијата.
БЕЛОРУСИЈА - Воената опрема и возилата за кои се верува дека припаѓаат на приватната платеничка група „Вагнер“ продолжуваат да се преселуваат во локација во село во источна Белорусија, за која се верува дека е место каде што се населиле војници од четата на Евгениј Пригожин по нејзиниот прекинат бунт во Русија минатиот месец. Сликите платформата „Планет Лабс“ објавени на 25 јули покажуваат најмалку 750 воени возила од различни типови во близина на шаторскиот камп во она што порано беше поранешен гарнизон за членовите на белоруската бригада.
МАКЕДОНИЈА - Пратениците во Собранието со 62 гласа „за“ ја донесе одлуката за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на КПУ КПД Идризово.
РУСИЈА - Кремљ соопшти дека помалку од една третина од поканетите претседатели ќе присуствуваат на самитот Русија-Африка во Санкт Петербург на 27 и 28 јули. Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин, Јуриј Ушаков, на 26 јули изјави дека од 54 африкански делегации поканети на самитот, само 17 ќе бидат предводени од претседатели. Покрај тоа, 10 ќе бидат предводени од премиери, додека останатите ќе бидат предводени од помалку високи функционери.
ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас и со лидерот на палестинската исламистичка група Хамас, Исмаил Ханије, соопшти кабинетот на Ердоган.
Абас е во посета на Турција. Абас и Ханије не можат да го решат јазот од 2007 година, кога Хамас, кој се противи на мировните договори со Израел, ја презеде контролата врз Појасот Газа.
ГРЦИЈА - Пожарите кои беснеат во различни делови на Грција беа ставени под контрола на 26 јули, објавија грчките медиуми. Но, очекувањата се дека температурата ќе порасне до 47целзиусов степен па опасноста од пожари и натаму е исклучително висока, предупредува грчката цивилната одбрана и метеоролошката управа. Од 12 јули избувнаа околу 500 поголеми и помали пожари низ Грција од 12 јули.
ЕУ - Европската унија (ЕУ) усвои нов пакет санкции против Белорусија, поради вмешаноста на оваа земја во руската агресија врз Украина, соопшти шпанското претседателство со ЕУ. Одлуката ја донеле амбасадорите на земјите членки на ЕУ на состанокот одржан на 26 јули. Според соопштението на шпанското претседателство, рестриктивните мерки вклучуваат списоци на поединци и правни субјекти.
МАКЕДОНИЈА - Жителите на липковско Слупчане повторно не им дозволиле на екипите на ЕВН да работат на мрежата, соопштија денеска од ЕВН. Оттаму велат дека продолжува отпорот на мештаните од Слупчане кои денеска на екипите на ЕВН не им дозволиле да работат. На терен била присутна и полицијата. ЕВН до медиумите ги испрати и барањата на жителите на ова село. Тие бараат да им се простат досегашни долгови кои, како што наведуваат од компанијата изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3 000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање и слични други барања.
КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека е логично мерките што ги воведе Европската Унија во Косово да бидат укинати пред да дојде време за одржување нови избори во општините на север на Косово.
МАКЕДОНИЈА - Досегашниот пратеник на Движењето Беса, Бастри Бајрами информира дека од денеска ќе дејствува како независен.
„Јас долупотпишаниот пратеник Бастри Бајрами, Ве информирам дека од денес ќе дејствувам како независен пратеник во Собранието на Република Северна Македонија“, се вели во известувањето на Бајрами испратено до спикерот Талат Џафери.
МАКЕДОНИЈА - Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека Владата ја поништила одлуката за спојување на концесиите за експлоатација на бакар и злато за рудникот „Иловица-Штука“. Тој рече дека поништувањето на одлуката ќе има правни последици за државата.
МАКЕДОНИЈА / ЕУ - Од вкупно 36 истраги на Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на европските фондовите во Северна Македонија, посочуваат од Европската служба против измами (ОЛАФ), одговорна за ревизија на фондовите за земјите членки на Европската Унија и за други држави кориснички.
МАКЕДОНИЈА - Денеска се одбележа шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.
На 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, со помали потреси до пет часот и 43 минути. Животот го загубија 1 070 лица, а 3.000 беа повредени, а притоа, беа урнати 15 800 станови, а оштетени 28 000. Над 200 000 луѓе остана без покрив над главата.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Судот во Лондон пресуди дека оскаровецот Кевин Спејси е невин по обвиненијата за сексуален напад на четворица мажи. По читањето на пресудата на 26 јули, Спејси, кој е ослободен од вина, пушти солзи, јавува новинската агенција ДПА. Тој беше обвинет за девет сексуални престапи во период од 2001 до 2013 година. На 64 годишната холивудска ѕвезда и се судеше пред судот во Саутворк, Лондон.