Поради пожарите што деветти ден се активни на Родос и предизвикаа огромна материјална штета, веќе на целиот остров е прогласена вонредна состојба, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што објавија грчките медиуми, минатата седмица била прогласена вонредна состојба во четири општини, додека пак денеска, со одлука на Генералниот секретар за цивилна заштита било одлучено да се прогласи и во останатите шест општини на островот.
Пожарот на Родос и понатаму е активен.
Грција во голема мера се потпира на туризмот, а Родос, еден од нејзините најголеми острови, е меѓу нејзините најдобри летни дестинации, привлекувајќи околу 1,5 милиони странски туристи во летните месеци. Околу 3 000 туристи го напуштија Родос до вторник.
Видете и ова: Се урна авион кој гаснеше шумски пожари во Грција, загинаа пилотитеМинистерката за туризам Олга Кефалојани рече дека пожарите зафатиле само мал дел од островот.
На островот Крф, каде во текот на ноќта повторно се разгоре пожар без да претставува закана за домовите, локалниот гувернер изјави дека се сомнева дека подметнал пожар.
„Одеднаш избувна пожар од никаде... не спиевме три или четири дена за да внимаваме на такви инциденти“, изјави Никос Музакитис, заменик градоначалник на северен Крф, за државната телевизија ЕРТ.
Шумските пожари во Грција се вообичаени во текот на летото, но пожешките, посувите и ветровитите услови како резултат на климатските промени ја претворија земјата во медитеранско жариште во последниве години.
Во четврток на 27 јули се предвидува пад на температурата во Грција.