Молдавија го намалува бројот на руски дипломати во Кишињев, изјави министерот за надворешни работи Нико Попеску.
Односите меѓу поранешната советска република Молдавија и Русија достигнаа ново ниско ниво бидејќи проевропската претседателка Маја Санду се обиде да ја отстрани малата земја од сферата на влијание на Русија и остро ја осуди инвазијата на Москва на соседна Украина.
„Се согласивме за потребата да се ограничи бројот на акредитирани дипломати од Русија, за да има помалку луѓе кои се обидуваат да ја дестабилизираат Молдавија“, рече министерот за надворешни работи Нико Попеску на состанокот на владата.
Тој изјави дека за таа одлука веќе е известена руската амбасада.
„Многу години бевме предмет на непријателски руски акции и политики. Многу од нив беа направени преку амбасадата“, рече тој.
Видете и ова: Молдавија ќе го повика рускиот амбасадор поради извештаите за опрема за шпионирањеПортпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова на неделен брифинг рече дека одлуката на Молдавија „нема да остане без одговор“, нарекувајќи ја „уште еден чекор во уништувањето на билатералните односи“ меѓу земјите.
Коментирајќи го извештајот за шпионската опрема, Захарова рече дека обвинението на руската амбасада во Кишињев за шпионски активности е неосновано.
„Тоа е фантазија која нема никаква врска со реалноста“, изјави таа.
Во својата презентација, Попеску алудираше на медиумскиот извештај на Инсајдер и телевизискиот канал Журнал ТВ за опрема инсталирана на покривот на руската амбасада која може да се користи за шпионирање.
Во извештајот се наведува дека 28 сателитски антени, јарболи и уреди за пренос и прием биле инсталирани во амбасадата и соседната станбена зграда што ја користат дипломатите и техничкиот персонал.