Шефот на оценувачката мисија на ЕУ утре пристигнува во Скопје

илустрација

Лидерот на тимот на таканаречената оценувачка мисија на Европската Унија која ќе ја следи работата на Судскиот совет, утре и задутре ќе престојува во Скопје, информираат денеска од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

„Тим експерти од земјите-членки на ЕУ ќе ја испита институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални мерки, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот на ова важно тело за управување со судството“, се вели во соопштението на Канцеларијата на ЕУ.

Водачот на тимот Бранко Хрватин е поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска. Тој, велат од Канцеларијата на ЕУ, ќе ја посети Северна Македонија на 27 и 28 јули за да ја започне мисијата, со идентификување на обемот на работата на тимот.

Видете и ова: Ковачевски ја поддржува оценувачката мисија на ЕУ за Судски совет

Работата ќе биде завршена со поддршка на тим експерти од земјите-членки на ЕУ, кои ќе ја посетат Северна Македонија во септември 2023 година.

Евроамбасадорот Дејвид Гир претходно најави дека ЕУ испраќа оценувачка мисија во земјата по скандалите во Судскиот совет. Гир појасни дека се работи за советодавна група, а она што се случувало во изминатиот период е загрижувачки.

Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ изразија поддршка ЕУ да испрати оценувачка мисија за работата на Судскиот совет.