Од вкупно 36 истраги на Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на европските фондовите во Северна Македонија, посочуваат од Европската служба против измами (ОЛАФ), одговорна за ревизија на фондовите за земјите членки на Европската Унија и за други држави кориснички.
Според податоците објавени од ОЛАФ, што ги пренесоа дел од албанските медиуми, од вкупно 36 истраги за користењето на европските фондови на Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на фондовите од властите во Северна Македонија. ОЛАФ подготви седум препораки за европските институции и за македонските власти.
Од службата нема дополнителни информации за конкретните истраги, но објавено е дека за европските фондови, кои се потрошени целосно или делумно на национално или на регионално ниво во 2022 година, во државата биле отворени четири истраги, а три се затворени со соодветни препораки.
Втора земја во регионот според бројот на почнати истраги е Србија каде што ОЛАФ отворила девет, а за четири затворени истраги се дадени препораки. Во Босна и Херцеговина биле отворени три истраги, а дадени се препораки за две, додека на Косово имало три истраги и една препорака за затворена истрага. Во Албанија биле отворени две истраги, вклучувајќи ја и таа од 2021 година што се однесува за земјоделските фондови, а на дното на листата на ОЛАФ е Црна Гора со само една отворена истрага.
Видете и ова: Не е само Еразмус, истраги и за други малверзации со европските париИстрагите на ОЛАФ не завршуваат секогаш со откривање на виновниците, а целата постапка може да заврши со препорака земјата корисничка да ги врати злоупотребените средства. Во случај злоупотребите да се евидентни, тие се предаваат на соодветните власти во земјата за да отворат истрага за криминал.