Европската унија (ЕУ) очекува Косово да ги исполни сите барања наведени во соопштението од 3 јуни, а кои се однесуваат на чекори кон деескалација на северот на земјата.
„Ова јасно предвидува дека предвремените избори треба да се распишат што е можно поскоро и тие да се организираат на целосно инклузивен начин во сите четири општини со мнозинство Срби на северот од земјата. Се очекува учество на косовските Срби на овие избори“, изјави портпаролот на ЕУ во писмената изјава дадена до медиумите.
Иако инсистираат да не ги коментираат изјавите на локалните политичари, оваа изјава од европските претставници доаѓаа еден ден откако косовскиот вицепремиер Бесник Бислими рече дека не треба да се распишуваат специјални избори во општините со српско мнозинство на север, додека Европската унија не ги укине казнените мерки.
Тензиите на северот на Косово се зголемија на крајот на мај, кога албанските градоначалници со помош на полицијата влегоа во општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Месното српско население остро се спротивстави, бидејќи не прифаќаат нови градоначалници по бојкотот на изборите во април 2023 година.
Европската унија на 3 јуни објави соопштение во кое изразува подготвеност да воведе мерки против Косово доколку не се исполнат сите барања. Барањата се однесуваат на прекин на полициската операција во близина на општинските згради на северот на Косово; отстранување на градоначалниците од општинските згради и распишување предвремени избори.
Поради непочитување на овие барања, 10 дена подоцна ЕУ воведе мерки против властите во Приштина.
Сите билатерални средби со претставници на косовската влада се прекинати, проектите за финансирање се замрзнати, а состаноците во рамките на процесот за стабилизација и асоцијација се суспендирани.
На 10 јули во Братислава, европскиот специјален претставник за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак и косовскиот вицепремиер Бислими постигнаа договор за чекори кон деескалација.
Конкретни чекори предвидуваат повлекување на 25 отсто од полицијата од и околу општинските згради на северот, организирање вонредни локални избори на крајот на летото и враќање на дијалогот за нормализација на односите.
Приштинските политичари сметаат дека овој договор е доволен Брисел да ги укине мерките.
Сепак, дипломатски извори на Радио Слободна Европа во ЕУ наведуваат дека укинувањето на казнените мерки ќе зависи од спроведувањето на договорите и обврските што ги презела Приштина.