Авион кој гаснеше шумски пожари во Грција се урна на 25 јули, јавува новинската агенција Ројтерс.
При уривањето загинаа двајцата пилоти, на возраст од 27 и 34 години, јави дописничката на МИА од Атина.
Државниот радиодифузен сервис ЕРТ прикажа снимка од авионот како испушта вода над пожар, а потоа удри во рид и изби во пламен. Се наведува дека несреќата се случила над градот Каристос на островот Евија, источно од Атина.
Претходно грчкиот премиер Киријакос Мицотакис предупреди на тешки денови со пожари кои уништуваат домови и принудуваат евакуација на илјадници туристи од островот Родос.
Стотици пожарникари, потпомогнати од силите од Турција и Словачка, се борат со пожарите што беснеат на островот Родос од средата и повторно се разгореа во услови на жешко и ветровито време. Беа најавени повеќе итни летови кои требаше да ги однесат туристите дома.
Мицотакис во вторникот рече дека следните денови ќе бидат тешки, при што условите веројатно ќе се подобрат по четврток.
„Сите ние чуваме стража. Наспроти она со што се соочува целата планета, особено Медитеранот, кој е жариште на климатските промени, не постои магичен одбранбен механизам, ако постоеше, ќе го имплементиравме“ изјави тој.
Во проценката на научниците објавена во вторникот се вели дека климатските промени предизвикани од човекот одиграле „апсолутно огромна“ улога во екстремните топлотни бранови што ја зафатија Северна Америка, јужна Европа и Кина овој месец.
Градоначалникот на Родос на Фејсбук рече дека островот се соочува со невидено искушение. Пожари имаше и на островот Крф. Грција забележа многу високи температури во последните недели и тие се предвидени да се зголемат до среда за да надминат 44 Целзиусови степени во некои области.
Повеќе од 2.000 туристи се вратија дома со авион во понеделникот и туроператорите ги откажаа претстојните патувања.
Видете и ова: Ветерот го шири пожарот на Родос, евакуирани 30.000 луѓеТуризмот сочинува 18 отсто од економското производство на Грција и едно од пет работни места. На Родос и на многу други грчки острови, зависноста од туризмот е уште поголема.
Во Грција, обвинителот на Родос започна истрага за причините за пожарите и подготвеноста и одговорот на властите, објави државната телевизија ЕРТ. Се вели дека околу 10 проценти од површината на островот изгорела.
По пожарот во приморскиот град Мати, источно од Атина, во 2018 година, кога загинаа 104 лица, Грција презеде попроактивен пристап кон евакуациите. Но, критичарите велат дека таа не ја подобрила својата способност да гасне пожари кои се вообичаени во лето, иако поинтензивни во овогодинешниот топлотен бран.