Србија го одби привремениот престој на антивоен руски активист

илустрација

На рускиот антивоен активист Владимир Волохонски му беше одбиено продолжување на неговиот привремен престој во Србија, објави на 25 јули невладиното Руско демократско друштво, чиј коосновач е Волохонски.

Волохонски е опозициски политичар од Санкт Петербург, а во Србија допатува во мај 2022 година, по притисок и прогон во неговата земја, каде што како странец имал дозвола за привремен престој.

Руското демократско друштво оценува дека ваквата мерка е „продолжување на незаконскиот притисок врз руската антивоена заедница во Србија“.Министерството за внатрешни работи и Безбедносно-информативната агенција не одговорија на итното барање на РСЕ за причините за одбивањето на Волохонски за привремен престој во Србија.

Ова е втор сличен случај за неполни две недели, во кој властите во Србија им наметнуваат мерки на членовите на таа невладина организација, која се противи на режимот на Владимир Путин и на руската инвазија на Украина.

Видете и ова: Забранет влез во Србија за руски антивоен активист

Претходно, на другиот соосновач на Руското демократско општество, Петар Никитин, му беше одбиен влез во Србија, а по два дена чекање на аеродромот во Белград, тој беше пуштен во земјата на 14 јули.

Двата настани се поврзани со Безбедносно-информативната агенција на чело со Александар Вулин, која е под санкции на САД од 11 јули, меѓу другото, поради врските со Русија.

БИА, како што се додава, наведува дека постојат безбедносни пречки за продолжување на престојот на Волохонски, односно дека неговиот престој во Србија претставува „неприфатлив безбедносен ризик“.

„Како што беше случајот со Питер Никитин, Владимир Волохонски никогаш не бил повикан на разговор во БИА или полиција, а не му бил даден рок да ја напушти државата, ниту пак била покрената правна постапка за престанок на правото на престој“, соопштуваат од друштвото.

Руското демократско друштво оцени дека одлуката против Волохонски претставува „грубо кршење“ на Уставот, законите и меѓународните обврски на Република Србија.