Средба на министрите за земјоделство на ЕУ за извоз на жито од Украина

илустрација, поле со жито

Министрите за земјоделство од земјите-членки на Европската унија (ЕУ) се состанаа во вторник (25 јули) во Брисел за да разговараат за начините за транспорт на жито од витално значење за глобалната безбедност на храната од Украина, откако Русија се повлече од договорот за жито.

Во исто време, тие сакаат да ги заштитат цените за земјоделците во земјите кои граничат со Украина.

Германскиот министер за земјоделство Хем Оздемир предупреди дека министрите мора да најдат начин да ги балансираат двете прашања без да ја поткопаат поддршката на ЕУ за Украина.

„Ако се отворат пукнатини во единството на ЕУ, само Владимир Путин ќе биде среќен“, рече германскиот министер.

Министрите се состанаа за прв пат откако Русија се повлече од договорот со кој се овозможи житото да тече од Украина во земјите во Африка, Блискиот Исток и Азија, каде гладот е растечка закана, а високите цени на храната турна се повеќе луѓе во сиромаштија.

Договорот предвидуваше гаранции дека бродовите нема да бидат нападнати при влегување и напуштање на украинските пристаништа, додека посебен договор го олесни движењето на руската храна и ѓубриво.

Финската министерка за земјоделство, Сари Есаја, рече дека повлекувањето на Русија од договорот за жито „е многу сериозен проблем, не само за пазарот на ЕУ, туку има одредени последици за безбедноста на храната во целиот свет“.

Таа посочи дека министрите „мора да се погрижат украинското жито да стигне до светските пазари преку територијата на ЕУ“.

Видете и ова: Зошто е важен договорот за испорака на жито преку Црно Море?

Полскиот министер за земјоделство Роберт Телус на состанокот изјави дека неговата земја, заедно со Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија, ја продолжува забраната за увоз на жито од Украина, но сепак ќе дозволи храната да поминува низ нивните земји во другите делови на светот.

Литванскиот министер за земјоделство Кестутис Навикас предложи да се префрли извозот на украинското жито од украинско-полската граница на литванските пристаништа како начин да се спречи заглавувањето на житото во Полска.

Оздемир го поддржува планот, велејќи дека житото од Украина може да се транспортира во запечатени контејнери до пристаништата на Балтикот.

Во текот на изминатите неколку дена, Русија ја бомбардираше инфраструктурата за извоз на жито во Украина, откако вети одмазда за нападот на мостот Керч меѓу Русија и полуостровот Крим. Руските власти за нападот ги обвинија украинските беспилотни летала.