Мицкоски: Уште утре нека закажат пленарна седница и да видиме дали имаат 80 пратеници

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека не очекува дискусијата за уставните измени во собраниската Комисија за уставни прашања да трае десетина дена, туку очекува и има „чувство“ дека денеска ќе заврши.

„Четириесет и четири пратеници на ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата се јасни и прецизни во својот став. Вчера имавме координација, без ниту еден збор никој да каже, јасно беше дека зборуваме сите на глас, а тоа е дека уставни измени под бугарски дикатат нема да има. Ние ќе се се држиме до нашата македонска агенда и ќе ги штитиме македонските национални интереси,“ порача Мицкоски кој денеска е во посета на Битола.

Видете и ова: Ковачевски: Без уставни измени запира патот кон ЕУ, a тоа ќе влијае и на односите со САД

Прашан дали постои можност за „манипулација“ на пленарната седница, не во однос на пратениците, туку во однос на техниката, претседателот на ВМРО - ДПМНЕ одговори дека и за тоа имаат стратегија, иако очекуваат, како што рече, веднаш ако имаат 80 пратеници, да ја ставаат точката на дневен ред.

„Ги повикувам веднаш, да заврши Уставната комисија, уште утре да закажат собраниска седница и да видиме дали имаат 80 пратеници или не. Ако не закажат тогаш е јасно дека немаат, а ако немаат, јас не гледам друга политика која оваа Влада би ја оправдала во нејзиното постоење и треба час поскоро да го распуштиме Парламентот и да одиме на парламентарни избори“, изјави Мицкоски.

Инаку, собраниската Комисија за уставни прашања во Собранието денеска ја почна седницата број 1 со единствена точка на дневниот ред - Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Северна Македонија. Од 17 присутни членови на Комисијата, „за“ предложениот дневен ред гласаа 10 пратеници, седуммина беа „против“, а воздржани немаше.

Предлагач на уставните измени е Владата, а предлогот го образложува премиерот Димитар Ковачевски.