Од Родос до Мечкин Камен
ГРЦИЈА - Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во понеделникот (24 јули) рече дека неговата земја е „во војна“ со шумските пожари кои беснеат повеќе од седум дена и принудија десетици илјади луѓе да се евакуираат. Ситуацијата во која се најде Грција е предизвикана од климатските промени, рече Мицотакис за време на парламентарната дебата емитувана на државното радио.
САД - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на 24 јули ја повика Москва да го рестартира договорот за жито со посредство на светската организација, кој дозволува испраќање од пристаништата на Украина во Црното Море неколку часа по извештаите дека руските беспилотни летала удриле во клучната извозна рута на реката Дунав.
РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој старосната граница за воените резервисти се зголемува на пет години. Според новиот закон, кој беше потпишан на 24 јули, максималната возраст на војниците, наредниците и заповедниците во резервниот состав се зголемува од 35 на 40 години. Максималната возраст на офицерите од среден ранг во резервата е зголемена од 45 на 50 години, а на високите офицери во резервната од 50 на 55 години.
ШПАНИЈА - Шпанското конзервативно Народно движење има предност на националните избори во земјата , но без мнозинството потребно за соборување на коалициската влада на социјалистичкиот премиер Педро Санчез. По пребројувањето на сите гласови, Народното движење (ПП), партија на десниот центар, освои 136 места, а социјалистите 122 места.
ШВЕДСКА - Шведската климатска активистка Грета Тунберг била казнета поради непочитување на полицијата кога и кажале да ги напушти протестите во јужниот шведски град Малме на 19 јуни. Тунберг призна дека учествувала во протестите и не ја послушала наредбата на полицаецот, но се изјаснила дека не е виновна и дека така постапила бидејќи тоа било неопходно.
УКРАИНА - Во неколкунеделната контраофанзива, украинските војници ослободија 227 квадратни километри земја заземена од Русија, изјави заменик-министерката за одбрана Хана Малиар. Таа рече дека силите на Киев вратиле 192 квадратни километри територија на јужните делови на фронтот. Од нив, 12 квадратни километри беа ослободени во текот на минатата недела.
САД - Сопственикот на социјалната мрежа Твитер, Илон Маск објави дека познатата птица од логото ќе ја замени со буквата X. Маск рече дека оваа промена ќе се случи во понеделник. Промената на логото ќе биде последната во низата големи промени што Маск ги воведе откако го презеде Твитер, кој го купи минатата година за 44 милијарди долари. Маск на Твитер напиша дека неговата идеја да го смени логото со голема буква Х ја симболизира „несовршеноста во сите нас што не прави единствени“.
МАКЕДОНИЈА - Синдикатот на Управата за јавни приходи (УЈП) постигна договор со раководството за исполнување на нивните барања. Договорот е постигнат со посредство на медијатор. Детали засега нема, но она што го бараа вработените е почитување на колективниот договор и зголемување на платите за 30 проценти.
СЕВЕРНА КОРЕЈА / САД - Заменик-командантот на командата на ОН денеска соопшти дека се започнати разговори со Северна Кореја во врска со случајот со американскиот војник кој минатата недела влезе во Северна Кореја преку силно вооружената граница меѓу двете Кореи. Генералот Ендру Харисон рече дека процесот започнал преку линијата на комуникација воспоставена според договорот за примирје што ги прекина борбите во Корејската војна од 1950 до 1953 година.
ЦРНА ГОРА - Специјалното државно обвинителство потврди дека е уапсен поранешниот директор на Полициската управа, Веселин Вељовиќ, против кого заедно со уште три лица е поднесена кривична пријава „поради сомнение дека ги сториле кривичните дела создавање криминална организација, злоупотреба на службената положба и криумчарење.
РУСИЈА - Два беспилотни летала погодиле згради во Москва рано утрото на 24 јули, според медиумите наведуваат дека остатоци биле пронајдени недалеку од седиштето на Министерството за одбрана. Руското Министерство за одбрана на Телеграм соопшти дека две беспилотни летала „биле потиснати и урнати“ и ја обвини украинската војска. Градоначалникот на руската престолнина Сергеј Собјанинизјави дека две нестанбени згради биле погодени околу 4 часот наутро и додаде дека нема „сериозна штета или жртви“.
МАКЕДОНИЈА - Бујар Османи е назначен за нов потпретседател на ДУИ, откако партијата денеска го одржа петтиот редовен состанок на Генералниот совет, како највисок орган на партијата меѓу двата конгреса. Под претседавање на претседателот на партијата Али Ахмети, на состанокот се дискутирале клучни теми со посебен акцент на актуелната политичка состојба во државава, а Османи бил назначен за потпретседате како носител на долгогодишно искуство со континуирана посветеност и вложување во принципите на партијата, се вели во партиското соопштение.
МАКЕДОНИЈА - Резолуцијата за Илинденското востание која ја најави владејачката СДСМ, се уште не е целосно изготвена, велат извори за РСЕ оттаму. Резолуцијата ја најавија в недела, 23 јули, денеска ги „пеглале“ деталите, а целосната содржина најавија дека ќе ја објават в вторник, 25 јули 2023.