Синдикатот на Управата за јавни приходи (УЈП) постигна договор со раководството за исполнување на нивните барања.
Договорот е постигнат со посредство на медијатор. Детали засега нема, но она што го бараа вработените е почитување на колективниот договор и зголемување на платите за 30 проценти.
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, за ТВ21 кажа дека договорот е постигнат во петокот и најави дека вработените ќе добијат зголемување на платите.
„Во петокот беше потпишан колективен договор меѓу синдикалната организација и УЈП и беше добиено позитивно мислење од Министерството за финансии“, рече Лукаревска.
Видете и ова: Жешкото синдикално лето оставено за во септемвриВо изминатиот период вработените во УЈП протестираа и најавија генерален штрајк. За помирувач првично беше назначен Лазар Јовевски кој побара иземање затоа што не беше во државата, по што на негово место беше назначен Илија Манасиев.
Во последните месеци вработени во јавниот сектор протестираат и штрајкуваат со барање за повисоки плати. Незадоволство изразија вработените во Царинската управа, во Управата за јавни приходи, судска администрација, вработени во културата, во образованието, во Државниот испитен центар.
Дел од синдикатите не се задоволни со зголемувањето од 10 проценти, оти бараа 30 отсто и најавија дека продолжуваат со изразување на своето незадоволство.
Барањата за повеќе пари станаа особено гласни откако избраните и назначени функционери во Македонија во април добија зголемување на плати за 78 проценти.