Бујар Османи е назначен за нов потпретседател на ДУИ, откако партијата денеска го одржа петтиот редовен состанок на Генералниот совет, како највисок орган на партијата меѓу двата конгреса.
Под претседавање на претседателот на партијата Али Ахмети, на состанокот се дискутирале клучни теми со посебен акцент на актуелната политичка состојба во државава, а Османи бил назначен за потпретседате како носител на долгогодишно искуство со континуирана посветеност и вложување во принципите на партијата, се вели во партиското соопштение.
Бујар Османи е актуелен министер за надворешни работи во владата на коалициските партнери СДСМ, ДУИ и другите партии.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ - Обвинителството да отвори постапка против Груби за прикривање имотОд ДУИ денеска исто така информираат дека дополнително, Собранието назначило тројца нови членови на претседателството, пополнувајќи ги испразнетите места од лицата што ја напуштиле партијата.
Новоименуваните членови се Беким Незири, Илир Хасани и Арта Билали. Билали како секретар ќе го води Секторот за родова еднаквост.
„Лидерот Ахмети истакна дека земјата се наоѓа во една критична точка во однос на нашата европска перспектива и неопходните уставни измени за да продолжиме да се движиме по овој европски пат. Тој истакна дека закотвувањето на Северна Македонија во европското семејство, е највисоката форма на патриотизам за сите граѓани и заедници. Неодамнешната потврда од Европската комисија дека одредниците за отворање на поглавјата ќе се фокусираат само на патоказот за јавната администрација и владеењето на правото, наместо на односите со соседите, силно ги отфрлија тврдењата на опозицијата“, соопштија од ДУИ.
На состанокот се зборувало и за односите на другите политички групации кон ДУИ.
„Претседателот Ахмети се осврна на загриженоста од создавање на хибриден политичко-економски центар против ДУИ, изразувајќи ја посветеноста на партијата за демократските принципи и решеноста да продолжи да работи во насока на унапредување на системските вредности и стандарди во Северна Македонија. Претседателот Ахмети и Генералниот совет го осудиле нападот врз првиот вицепремиер Артан Груби, карактеризирајќи го истиот како напад врз ДУИ“, стои во соопштението.