Претседателот на дравата Стево Пендаровски изјави дека во следните неколку месеци ќе претстојат интензивни разговори меѓу власта и опозицијата во врска со најавените активности за промена на Уставот во Собранието.
„Очекувам во наредниве неколку месеци, намерно потенцирам неколку месеци, дека ќе престојат интензивни разговори помеѓу власта и опозицијата во кои конечно ќе можеме да се убедиме дека ова е стратешки момент кој не смееме да го пропуштиме за иднината на државата, истакна Пендаровски, кој денеска беше во работна посета на општина Пустец во Албанија.
Изјавата на Пендаровски доаѓа откако претходно пораки за промена на Уставот дојдоа европски диполомати, а порака испрати и официјален Вашингтон.
Видете и ова: Европски дипломати - без уставни измени постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и АлбанијаВчера државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Лоренс Бун, рече дека постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија доколку не се усвојат измените на Уставот пред крајот на годината.
„Очигледно е дека постои ризик од раздвојување доколку не се усвојат уставните измени пред крајот на годината, вели Бун во интервју за МИА.
Таа додаде дека уставните измени се дел од договорот што го постигнале Северна Македонија и ЕУ за да се продолжи кон автоматски почеток на процесот на пристапување, откако уставните измени ќе бидат изгласани, додавајќи дека нема други барања за започнување на процесот на пристапување.
Но, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски повторно изјави дека вакви какви што се уставните измени, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да ги гласа.
Тој во интервју за телевизија Аласат М рече дека „многу прецизно“ ги следи изјавите и пораките кои доаѓаат од меѓународните претставници во Македонија.
„Тие цело време зборуваат дека нема да има дополнителни услови, за отпочнување на преговорите, и ние сме согласни со тоа, но сме сигурни дека ќе има понатаму дополнителни услови и тоа не може никој од нив да го гарантира“, изјави Мицкоски.
Видете и ова: Мицкоски - Текстот на уставните измени е неприфатливПендаровски денеска рече дека не очекува отворање на Уставот да се случи во август.
„Ставовите на двете групации во Собранието се многу јасни и досега не се променети. Од вторник понатаму почнува процедурата во Парламентот. Не очекувам првата фаза гласање за евентуално отворање на уставните промени да се случи во август, имам очекување дека тоа ќе биде најверојатно после годишните одмори, некаде крајот на септември. Инаку, целата временска рамка која се очекува евентуално да го промениме Уставот треба формално да заврши до 30 ноември, додека трае скринингот“, изјави Пендаровски.
Уставните измени влегоа во собраниска процедура, откако на 18 јули поминаа на владина седница. Процесот во Собранието започнува точно една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија (ЕУ).
За да се одржи втората конференција и да почне отворањето на поглавјата, во Собранието треба да се усвојат измени на Уставот, со кои ќе се внесат и Бугарите во него. Освен бугарскиот народ, во Преамбулата се внесуваат и хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и еѓипќанскиот народ, соопшти Владата.
Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови поради противењето на опозицијата.