Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение побара Јавното обвинителство да отвори постапка против првиот вицепремиер Артан Груби, за како што наведуваат од партијата, прикривање на имот, потенцијално даночно затајување и злоупотреба на службена положба и овластување за автомобилот кој не го пријавил на својот анкетен лист, а цела Влада потврдила дека е негов.
„Зошто Груби го нема пријавено автомобилот кој е запален во неговиот анкетен лист?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Возилото „ауди“ беше опожарено вчера рано утрината на 22 јули во скопската населба Чаир, но како што наведе полицијата, не било во сопственост на Груби. Првиот вицепремиер наведе дека автомобилот бил на негов сосед, но дека палењето го смета како напад врз него и она што го работи во Владата.
Видете и ова: Груби - Опожареното „ауди“ е дел од континуирани напади врз менеВо анкетниот лист на Артан Груби нема пријавено возило Ауди. Според анкетниот лист, тој пријавил само автомобил Цитроен Ксара, стар 22 години во вредност од 1.000 евра.
Груби вчера на Фејсбук напиша дека се соочил со напад. Во постот тој им се заблагодарува на безбедносните сили поради нивните напори да го решат „синоќешниот напад“ и напиша дека се соочувал со континуирани закани и последователни напади.
„Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, му се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија“, вели Груби во неговата објава на социјалната мрежа.
Владата денеска го осуди чинот на палењето на возилото кое го користел првиот заменик претседател на Владата Артан Груби, како што беше наведено во соопштението.
Од Владата наведоа дека безбедноста е врвен приоритет во едно демократско општество и дека палење на возилото кое го користел Груби е акт на насилство „кој е целосно неприфатлив и недозволив во едно демократско општество кое се залага за европски вредности“, велат од Владата.
„Сите надлежни институции, истражните и судските органи, во рамките на своите надлежности постапуваат без одлагање, одлучно и професионално со цел целосно разрешување и расчистување на овој случај во најбрз можен рок“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Владата го осуди палењето на автомобилот што го користел ГрубиОд ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за економија Крешник Бектеши и другите министри од владата потврдиле дека запалениот автомобил е возило на Груби.
„Според евиденцијата која ја објавија медиумите, автомобилот е во посед на друго лице за кое Груби вели дека му е пријател. Кој е тој пријател на Груби кој купил Ауди А6 возило вредно 80.000 евра и наместо да го вози сам го дал на Артан Груби да го вози и управува со него како со свие возило?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со случајот, во вчерашното соопштение на МВР беше наведено дека на 22 јули околу 3:30 часот наутро било пријавено дека настанал пожар на улица „Струмичка“ во патничко возило „ауди“ со скопски регистарски таблички и дека сопственик на возилото е лице со иницијали Б.Л. на 35-годишна возраст.
Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).