Метеоролозите за денеска (недела) предвидуваат силни налети на ветер, што може да ги отежни напорите на пожарникарите во борбата со огнената стихија која неконтролирано гори на грчкиот остров Родос, каде се евакуирани околу 30.000 луѓе.
Родос е една од најпопуларните туристички дестинации, особено за Британците и Французите.
Властите предупредија дека ќе бидат потребни неколку дена за борба против шумскиот пожар, кој беснее во екот на туристичката сезона, пренесува АФП.
Портпаролот на противпожарната бригада Василис Ватракогијанис предупреди дека ветерот станува се посилен и дека може да доведе до разгорување на пожарот.
Видете и ова: Пожар во италијанската област Калабрија, најавени високи температуриЛокалните власти во Родос соопштија дека 30.000 луѓе кои биле во опасност од пожар се евакуирани на безбедно, вклучително и 2.500 кои биле однесени од плажите.
Во текот на ноќта пожарот стигнал до селото Лаерма, каде зафатил неколку куќи и црква, а оштетени се и неколку хотели.
Најмалку три хотели беа оштетени во саботата во крајбрежното село Киотари.
Властите за цивилна заштита денеска предупредија на многу висок ризик од шумски пожари во Родос и многу други области во Грција, бидејќи се очекува температурите да достигнат до 45 степени Целзиусови во услови на топлотен бран.
Грчкото Министерство за надворешни работи ја активираше својата единица за управување со кризи за да им понуди помош на странците кои сакаат да ја напуштат земјата.