Владата денеска го осуди чинот на палењето на возилото кое го користел првиот заменик претседател на Владата Артан Груби.
Во соопштението се вели дека безбедноста е врвен приоритет во едно демократско општество и дека палење на возилото кое го користел Груби е акт на насилство „кој е целосно неприфатлив и недозволив во едно демократско општество кое се залага за европски вредности“, велат од Владата.
„Сите надлежни институции, истражните и судските органи, во рамките на своите надлежности постапуваат без одлагање, одлучно и професионално со цел целосно разрешување и расчистување на овој случај во најбрз можен рок“, се вели во соопштението.
Возилото „ауди“ беше опожарено рано утрината на 22 јули во скопската населба Чаир, но како што наведе полицијата, не било во сопственост на Груби. Првиот вицепремиер наведе дека автомобилот бил на негов сосед, но дека палењето го смета како напад врз него и она што го работи во Владата.
Груби вчера на Фејсбук напиша дека се соочил со напад. Во постот тој им се заблагодарува на безбедносните сили поради нивните напори да го решат „синоќешниот напад“ и напиша дека се соочувал со континуирани закани и последователни напади.
„Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, му се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија“, вели Груби во неговата објава на социјалната мрежа.
Вчера се огласи и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој го осуди чинот на подметнување пожар врз, како што вели, „ возилото на вицепремиерот“ Груби.
„Насилството нема место во цивилизирано општество и таквите постапки никогаш не можат да се оправдаат. Ги повикувам властите да спроведат темелна истрага за да се открие вистината зад овој инцидент и веднаш да се изведат одговорните пред лицето на правдата“, вели Османи.
Во анкетниот лист на Артан Груби нема пријавено возило Ауди. Според анкетниот лист, тој пријавил само автомобил Цитроен Ксара, стар 22 години во вредност од 1.000 евра.
Во врска со случајот, во соопштението на МВР беше наведено дека на 22 јули околу 3:30 часот наутро било пријавено дека настанал пожар на улица „Струмичка“ во патничко возило „ауди“ со скопски регистарски таблички и дека сопственик на возилото е лице со иницијали Б.Л. на 35-годишна возраст.
Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).