Рекордни поплави во Канада

Спасувачките тимови во акција, Нова Шкотска, Канада, 21 јули

Четири лица, меѓу кои две деца, се водат за исчезнати од саботата по рекордните поплави предизвикани од обилните врнежи во провинцијата Нова Шкотска, во источна Канада, соопшти полицијата.

Двете деца биле во автомобил кој бил потопен, а тројцата возрасни кои биле со нив успеале да се спасат, изјавила портпаролката на кралската канадска коњичка полиција. Потрагата по нив продолжува.

Две други лица исчезнале под слични околности, додаде портпаролката. Двајца патници од тоа возило биле спасени.

На крајот на мај, Нова Шкотска тешко претрпе шумски пожари што опустошија неколку канадски провинции.

Премиерот на Нова Шкотска Тим Хјустон истакна дека за помалку од 24 часа во покраината наврнале околу 250 мм дожд, што одговара на количината што паѓа во просек за три месеци.

Видете и ова: Пожар на Родос: Илјадници ги напуштија домовите и хотелите

Хјустон прогласи вонредна состојба во некои делови на покраината, велејќи дека ќе бидат потребни неколку дена за да се повлече водата.

Силниот дожд што паѓа од петокот го наруши сообраќајот, поплави домови и се заканува да ја пукне браната.

На жителите од областа Виндзор, на околу 60 километри северозападно од Халифакс, главниот град на провинцијата, им беше наредено да се евакуираат среде ноќ поради закана од пукање на браната.

Сепак, во саботата беа отворени вентилите за испуштање за да се намали притисокот.

Ситуацијата е „под контрола“, рече градоначалникот на Виндзор Абрахам Зебијан, а наредбата за евакуација е укината.

На телевизиските снимки и на социјалните мрежи можеше да се видат патишта под вода, напуштени автомобили и патишта кои се претворија во вистински реки.

Канадската метеоролошка служба најави продолжување на врнежите до крајот на денот на истокот на покраината, вклучително и на островот Кап Бретон.

Жителите на покраината се повикани да останат дома бидејќи многу патишта се непроодни. Без струја претпладне беа околу 70.000, а попладне околу 6.000 потрошувачи.