Едно лице загина, а 19 се ранети, меѓу кои четири деца, во нов руски ракетен напад врз украинскиот пристанишен град Одеса, соопштија украинските власти на 23 јули.
Православна катедрала, исто така, беше сериозно оштетена во рускиот воен напад во текот на ноќта, изјави Олех Кипер, гувернер на јужната украинска област Одеса, на апликацијата за пораки Телеграм.
Руската војска започна воени напади врз Одеса и други украински објекти за извоз на храна во текот на изминатата недела, откако Кремљ се повлече од договорот за поморски коридор, постигнат со посредство на ОН, кој овозможи безбедна испорака на украинско жито.
Киев ја обвини Москва дека ги таргетира резервите на жито и инфраструктурата од витално значење за договорот.
„Ракети против мирни градови, против станбени згради, катедрала... Не може да има оправдување за руското зло. Како и секогаш, ова зло ќе изгуби. И дефинитивно ќе има одмазда на руските терористи за Одеса. Тие ќе ја почувствуваат оваа одмазда“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на Твитер по новиот руски воен напад врз Одеса.
Видете и ова: Бугарија испраќа прв пакет тешка воена опрема во Украина од почетокот на инвазијатаНападот се случува неколку часа пред планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко, кој во саботата пристигна во Санкт Петербург.
Украинската јужна оперативна команда соопшти дека Одеса била цел на најмалку пет типа ракети, вклучувајќи ракети со висока прецизност Оникс, крстосувачки ракети Калибр и балистички ракети Искандер.
Воената управа на градот соопшти дека системите за противвоздушна одбрана уништиле „значаен дел“ од нив.
Одеса од почетокот на инвазијата неколку пати беше цел на напади, а во јануари УНЕСКО го прогласи историскиот центар на градот за загрозено светско наследство.
Видете и ова: Зеленски разговараше со Столтенберг за деблокирање на коридорот за житоВо Санкт Петербург, Лукашенко и Путин треба да разговараат за „стратешкото партнерство и сојузот“ меѓу нивните земји, според Кремљ.
Состанокот се случи два дена откако Москва предупреди дека секоја агресија врз сојузничката Белорусија ќе се смета за напад врз Русија.
Откако Полска одлучи на почетокот на неделава да ги придвижи воените единици поблиску до границата со Белорусија како одговор на пристигнувањето во Белорусија на силите од руската група Вагнер, Путин рече дека Москва ќе ги искористи сите средства за да одговори на секое непријателство кон Минск.
Иако не ги испрати своите војници во Украина, Лукашенко и дозволи на Москва да ја користи белоруската територија за да ја започне својата инвазија на Украина во февруари 2022 година и оттогаш често се среќава со Путин.