Шумскиот пожар кој беснее петти ден на грчкиот остров Родос, принуди стотици луѓе да ги напуштат погодените села и плажи во саботата, соопштија властите.
Бродовите на крајбрежната стража и повеќе од 30 приватни чамци евакуираа најмалку 2.000 луѓе, вклучително и туристи, од плажите во близина на областите Киотари и Лардос на југоисточниот дел на островот, изјави портпаролот на крајбрежната стража Никос Алексиу.
Властите исто така повикаа околу 1.000 луѓе да ги напуштат селата Пефки, Линдос и Калатос додека пламените јазици се приближуваа, изјави портпаролот на противпожарната бригада Василис Ватракогијанис.
Пожарникарите, поддржани од канадерите од воздух и засилувањето од Словачка, се борат со пожарот кој потпомогнат од силните ветрови ја зафаќа шумата на островот.
Видете и ова: Пожари во Грција - евакуирани жители и туристи на РодосГрчката телевизија прикажа толпи туристи со багаж како шетаат по патот како дел од операцијата за евакуација, додека во позадина се гледа чад.
Пожарот изгоре делови од густа шума откако избувна во вторникот во планинскиот регион.
Најмалку три хотели беа оштетени во саботата во крајбрежното село Киотари.
Властите за цивилна заштита денеска предупредија на многу висок ризик од шумски пожари во Родос и многу други области во Грција, бидејќи се очекува температурите да достигнат до 45 степени Целзиусови во услови на топлотен бран.
Грчкото Министерство за надворешни работи ја активираше својата единица за управување со кризи за да им понуди помош на странците кои сакаат да ја напуштат земјата.
Пожарите се вообичаени во Грција, но потоплите и ветровитите лета ја претворија земјата во жариште за шумски пожари во последните години. Метеоролозите предупредуваат дека сегашните горештини се очекува да траат до крајот на месецот.