Невремето на 22 јули, придружено со дожд, град и бурни ветрови, погоди делови од Босна и Херцеговина и Хрватска и се пресели во Србија.
Нема информации за поголема материјална штета.
Невремето беше помалку интензивно од двете бури што го зафатија регионот на 19 и 21 јули, кога загинаа и беа повредени повеќе луѓе и беше причинета огромна материјална штета.
Над 12 илјади потрошувачи во Хрватска без струја
Две невремиња ја погодија Хрватска на 22 јули. Едното помина преку континентална Хрватска, но нема информации за штети, а другото дојде од Италија преку море и ги погоди далматинските острови.
Хидрометеоролошкиот завод издаде портокалово предупредување за подрачјето на хрватските острови поради бурен ветер, грмежи и можна појава на град.
Видете и ова: Една жртва во невремето во Србија, оштетени домови и откорнати дрвја во Хрватска и БиХСпоред локалните медиуми, во Далмација избувнале два мали пожари кои најверојатно биле предизвикани од гром за време на невремето.
Пожари избувнаа на Брач над Супетар и во Шегет Горњи, јавуваат медиумите.
Хрватската електропривреда (ХЕП) на 22 јули објави дека над 12.000 корисници се уште се без струја по невремињата што го зафатија регионот во претходните денови, јавува Хрватската радио телевизија (ХРТ).
Во Босна и Херцеговина градот ги оштети земјоделските култури
Во делови на Босна и Херцеговина на 22 јули во вечерните часови невреме пропратено со дожд, град и силен ветер предизвика штети на посевите.
Во Бања Лука ветерот урна неколку дрвја, а припадниците на Цивилната заштита ја санираат штетата, јавуваат медиумите.
Видете и ова: Црвен метео аларм во пет региони во Хрватска поради невреметоВо Србија голем град и бурни налети на ветер
Невреме со грмотевици во вечерните часови во Србија ги зафати Бачка, Срем, Западна Србија и дел од Белград.
Претходно, големиот град и бурните налети на ветер во попладневните часови, предизвикаа штети во општините низ Србија.
Србија се уште се опоравува од последиците од невремето што на 19 и 21 јули зафати големи делови од земјата.
Во невремето на 21 јули загинаа три лица, а повеќе беа повредени.
Најтешко погодени се провинцијата Војводина и градот Нови Сад, каде е видлива значителна материјална штета.
Вонредна состојба е на сила во шест градови и општини во Војводина: Нови Сад, Сремска Митровица, Шид, Рума, Ириг и Сечње.