Возилото „ауди“ кое било опожарено рано утрината на 22 јули во скопската населба Чаир не било во сопственост на првиот вицепремиер Артан Груби, туку на негов сосед и пријател, но го смета како напад врз него и она што го работи во Владата. Ова го напиша Груби на социјалните мрежи откако медиумите објавија дека опожарениот автомобил тој го користел, иако полицијата (МВР) за Радио Слободна Европа одговорија дека опожареното возило е во сопственост на друго лице.
Груби попладнево на Фејсбук напиша дека синоќа се соочил со напад. Во постот тој им се заблагодарува на безбедносните сили поради нивните напори да го решат „синоќешниот напад“ и напиша дека се соочувал со континуирани закани и последователни напади.
„Им се извинувам на сите мои соседи во мојата населба за големото вознемирување синоќа пред нашата зграда само поради мојата професија. Исто така, му се извинувам на мојот пријател и неговото семејство за предизвиканата штета само поради мојата професија“, вели Груби во неговата објава на социјалната мрежа.
Видете и ова: ДКСК контра Груби: Немаме капацитет да се возиме со службени возила за приватни целиГруби вели дека во политиката бил за да служи и да остави трага со работа и дела, а не да му се тероризира семејството, соседите и пријателите.
„Континуираните закани и последователни напади ги сметам за кукавички и подмолни, но немам намера да запрам и да престанам да работам и да ги исполнувам очекувањата на граѓаните. Се извинувам што мојата и вознемирувањето на моето семејство се претвори и во грижа и вознемиреност и на соседите и на пријателите“, вели Груби.
Видете и ова: „Огнените“ од ДУИ ќе делуваат како фракцијаСе огласи и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој го осуди чинот на подметнување пожар врз, како што вели, „ возилото на вицепремиерот“ Груби.
„Насилството нема место во цивилизирано општество и таквите постапки никогаш не можат да се оправдаат. Ги повикувам властите да спроведат темелна истрага за да се открие вистината зад овој инцидент и веднаш да се изведат одговорните пред лицето на правдата“, вели Османи.
Во анкетниот лист на Артан Груби нема пријавено возило Ауди. Според анкетниот лист, тој пријавил само автомобил Цитроен Ксара, стар 22 години во вредност од 1.000 евра.
Во врска со случајот, во соопштението на МВР е наведено дека на 22 јули околу 3:30 часот наутро било пријавено дека настанал пожар на улица „Струмичка“ во патничко возило „ауди“ со скопски регистарски таблички и дека сопственик на возилото е лице со иницијали Б.Л. на 35-годишна возраст.
Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).