Украина и Турција разговараат за можноста за заживување на Црноморскиот договор за жито, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на 21 јули по телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Ги координиравме напорите за обновување на работата на Црноморската иницијатива за жито. Деблокирањето на коридорот за жито е апсолутен приоритет“, рече Зеленски.
Тој додаде дека светот повторно е на работ на криза со храна поради одлуката на Русија да се откаже од договорот што овозможи безбеден извоз на украинско жито преку пристаништата на Црното Море.
Видете и ова: Во руските напади на Одеса уништена голема количина хранаЗеленски претходно изјави дека Украина е подготвена да продолжи со извоз на жито без соработка со Русија. Тој рече дека Украина, ОН и Турција можат заеднички да обезбедат функционирање на коридорот за жито и инспекција на бродовите.
Прес-службата на турскиот лидер, исто така, објави дека Ердоган и Зеленски разговарале за продолжување на договорот за извоз на жито.
Ердоган претходно изјави дека има намера да разговара за продолжување на договорот со рускиот претседател Владимир Путин на разговори следниот месец.
Тој рече дека тие разговори може да доведат до обновување на договорот. Тој ги повика западните земји да ги разгледаат барањата на Русија, кои вклучуваат укинување на забраната на нејзините банки да го користат меѓународниот начин на плаќање SWIFT.