Запалени се складишта за жито и уништена е огромна количина храна складирана за извоз од руските ракетни напади врз украинските пристаништа на Црното Море, соопштија на 21 јули регионалните власти и војската.
Руските сили четврти ден по ред ги напаѓаат украинските пристаништа на Црното Море.
Регионалниот гувернер Олех Кипер изјави дека Русија лансирала крстосувачки ракети од типот Калибр од бродови во Црното Море, при што е уништен терминал за жито и ранети се две лица.
„За жал, беше погоден терминал за жито на едно од земјоделските претпријатија во регионот Одеса. Непријателот уништил 100 тони грашок и 20 тони јачмен. Во експлозијата се ранети две лица“, изјави Кипер.
Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Ихнат изјави дека до четири крстосувачки ракети П-800 Оникс погодиле инфраструктурни цели јужно од градот Одеса.
„За жал, нашите средства за откривање и уништување не се доволни за да се покрие целата територија на Украина и да се уништат дојдовните проектили и беспилотни летала“, рече Ихнат.
Во Москва, руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзината морнарица извршила „вежба“ со жив оган во Црно Море на 21 јули, само неколку дена откако Кремљ соопшти дека товарните бродови на пат кон украинските пристаништа на Црното Море ќе се сметаат за потенцијални воени цели.
Видете и ова: Дваесет повредени во руските напади на Миколаев и ОдесаНа 20 јули, руски проектили ги погодија регионите на Одеса и Миколајев, при што загинаа две лица, беа ранети уште 20, меѓу кои пет деца, и предизвикаа голема штета на пристаништата и на складиштата за жито.