Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој одлежува затворска казна, по седумнаесетти пат е испратен во самица, соопшти неговиот адвокат Вадим Кобзев.
Навални отслужува комбинирана затворска казна од 11 години и 6 месеци во колонија во Владимирската област, во близина на Москва.
Според неговиот адвокат, Навални добил 13 дена зошто неправилно си се претставувал. За ова дело и претходно бил во самица. Тој досега поминал повеќе од 180 дена во изолација.
Претходно обвинителството на 20 јули побара Навални да биде осуден на нови 20 години затвор, меѓудругото и за екстремизам. Пресудата треба да биде објавена за две недели, на 4 август.
Навални е во затвор од февруари 2021 година.
Тој беше уапсен во јануари 2021 година по враќањето во Русија од Германија, каде што беше на третман за речиси фатално труење со нервен агенс од типот Новичок.
Видете и ова: Руските обвинители бараат уште 20 години затвор за опозиционерот НавалниНавални првично беше осуден на две и пол години затвор за прекршување на условната казна додека се лекуваше во болница во Германија, а потоа доби дополнителни девет години за измама и непочитување на судот.