Персоналот на шведската амбасада во Багдад е привремено вратен во Шведска од безбедносни причини, соопшти шведското Министерство за надворешни работи.
Како што се наведува во соопштението на 21 јули, ден по насилните демонстрации на локацијата на шведската амбасада во Ирак, приоритет е безбедноста на персоналот и тие во Шведска пристигнале со редовен лет.
На 20 јули, во утринските часови, стотици демонстранти упаднаа во дворот и некои објекти на Шведската амбасада во Багдад во знак на протест против палењето на Куранот во Шведска. Поддржувачите на верскиот водач и политичар Моктада Садр фрлаа камења врз ирачките сили кои го обезбедуваа комплексот, предизвикаа мал пожар и го напуштија местото по неколку минути.
Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром изјави дека ирачките власти не успеале да ја заштитат амбасадата во согласност со Виенската конвенција. Ирачкото Министерство за надворешни работи го осуди инцидентот и објави дека владата дала инструкции за итна истрага и гонење на сторителите.
Финската новинска агенција СТТ објави дека финската амбасада, која се наоѓа во истиот комплекс како и шведската амбасада, исто така е евакуирана и дека персоналот е безбеден и неповреден.
На 20 јули властите во Багдад објавија дека го протеруваат шведскиот амбасадор како одговор на повторното сквернавење на муслиманската света книга. Земјите со мнозинско муслиманско население изразија незадоволство откако ирачкиот бегалец Салван Момика јавно искина и газеше страници од Куранот во Шведска во четвртокот. Тоа го направи и на 28 јуни пред најголемата џамија во Стокхолм за време на муслиманскиот празник Курбан Бајрам. Ирак и порача на Шведска дека ќе ги прекине дипломатските односи со Стокхолм доколку Куранот повторно биде запален на шведска територија.
На 19 јули, шведската полиција одобри барање две лица да го запалат Куранот и ирачкото знаме на јавен состанок пред ирачката амбасада во Стокхолм, објави шведската новинска агенција ТТ.
Полицијата на оваа скандинавска земја претходно годинава одби неколку пријави за протести со палење на Куранот, повикувајќи се на безбедносни причини. Шведските судови подоцна ги укинаа таквите полициски одлуки, наведувајќи дека протестите се дозволени како дел од правото на слобода на говор.
Шведската влада во јули објави дека размислува за промена на законот што ќе и овозможи на полицијата да го спречи јавното палење на Куранот доколку тоа би ја загрозило безбедноста на земјата.