ЦИА: Путин сепак може да му се одмазди на Пригожин

Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин се обидува да купи време додека размислува како да се справи со Евгениј Пригожин, изјави директорот на Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА). Пригожин е шеф на групата Вагнер, платеничка група која го предводеше бунтот во Русија пред еден месец.

„Тој бунт откри значителни слабости во системот на моќ што го изгради Путин“, изјави шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, пренесува Би-Би-Си.

Тој на форумот за безбедност во Аспен рече дека рускиот лидер можеби сè уште бара одмазда против Пригожин. Оваа група платеници сè уште има вредност за руското раководство во места како Африка, Либија и Сирија, па веројатно е дека Путин ќе се обиде да ја одвои групата од нејзиниот водач, сметаат од ЦИА.

Шефот на ЦИА рече дека Путин можеби ќе почека со својата одмазда.

„Путин е некој кој генерално мисли дека одмаздата е јадење кое најдобро се служи ладно. Според моето искуство, Путин е ултимативен апостол на одмаздата, па би бил изненаден доколку Пригожин ја избегне одмаздата“, рече Барнс.

Претходно овој месец, американскиот претседател Џо Бајден посочи дека постои ризик шефот на Вагнер да биде отруен.

Видете и ова: Кремљ: шефот на „Вагнер“, Пригожин, се сретнал со Путин по обидот за бунт

„Да сум на негово место, би внимавал што јадам. Ќе внимавам на моето мени“, рече Бајден.

Барнс вели дека разузнавачката агенција има значителни информации за бунтот, потврдувајќи ги претходните извештаи. Високиот руски воен генерал Сергеј Суровикин, за кој се вели дека однапред знаел за бунтот на Вагнер, исто така во моментов е без „слобода на движење“, додаде шефот на ЦИА.

„Бунтот беше најдиректниот напад што Путин го видел во неговите 23 години на власт, вклучително и директно оспорување на оправдувањето на Кремљ за војната во Украина, за која Пригожин рече дека е изградена на лаги“, рече Барнс.

Тој додаде дека најчудно е што рускиот лидер се чувствувал принуден да се договори со човекот кој порано му бил готвач.

Пригожин, некогаш близок сојузник на Путин, чија група Вагнер водеше голем дел од борбите во Украина, започна бунт на 24 јуни по тврдењата дека руската војска убила некои од неговите луѓе во воздушен напад.

Во бунтот, тие го окупираа јужниот руски град Ростов-на-Дон и се заканија дека ќе маршираат кон Москва. Бунтот заврши откако Пригожин го прифати договорот со претседателот на Белорусија што му овозможи безбеден премин во Белорусија.