Спасовски - Нема масовна злоупотреба на лични податоци

Жена на шалтер

Не станува збор за некакво масовно злоупотребување на лични податоци или пак тенденција на некакво зголемување, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарско прашање за информацијата од Државната комисија за спречување на корупцијата во која се посочува на сомнеж и ризик од злоупотреба на лични податоци.

Министерот вели дека за сите институции што постапуваат со лични податоци постојат посебни правила и процедури.

Спасовски, кој денеска беше на настан во Битола, рече дека најголемиот дел на злоупотребата на личните податоци е токму преку порталите, преку социјалните мрежи..., и затоа треба да се работи многу повеќе во делот на подигање на јавната свест, меѓутоа и репресивниот елемент.

Видете и ова: Кој ве „демне“, според новиот Кривичен законик, може да оди и во затвор


„Предметите кои што ги работиме, ако имаат завршница во судот тоа ќе влијае и на другите лица коишто злоупотребуваат лични податоци, а од друга страна мора да се работи на подигањето на јавната свест на граѓаните, тие мора да бидат запознаени дека не можат да се злоупотребуваат личните податоци на кој било“, изјави Спасовски.

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на вчерашната седница отвори сериозни сомнежи за трговија со милиони лични податоци на македонските граѓани. Случајот се однесува на дигитализацијата на матичните книги, со податоци за умрени, родени и венчани. Дигитализацијата на книгите го добила фирмата Новатек Инв ДООЕЛ.