Повеќе неправилности се констатирани при претрес во две фирми за одгледување канабис за медицински цели, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Вчера полицијата во придружба на членови на Комисијата за оценување на исполнетост на условите за одгледување канабис за медицински цели при Министерството за здравство извршила претрес во две фирми во Неготино.
При претрес во едната фирма било констатирано дека од четири реколти недостасуваат околу 40 килограми од канабис. Биле регистрирани и други неправилности спротивни на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.
Неправилности се констатирани и при претресот на втората фирма, кои се косат со Законот за контрола на опојни дроги. Таму бил пронајден сув цвет од канабис за кој допрва ќе се доставувало документација до надлежната комисија.
Од МВР најавуваат дека против правните и одговорните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Досега полицијата во неколку наврати запленуваше легална марихуана од фабрики за производство за медицински цели наменета за црн пазар.
Македонија ја легализираше марихуаната за медицинска употреба во 2016 година и досега има над 60 лиценцирани фирми за производство на канабис.
Видео извор: МВР