Шведската амбасада во Багдад била запалена во четвртокот рано наутро, за време на демонстрациите организирани од приврзаниците на верскиот лидер Моктада Садр, пренесе агенцијата Франс прес од местото на настанот, додавајќи дека инцидентот се случил пред протестите во Шведска, каде што било планирано да се запали копија од Куранот.
Полициски сили биле распоредени пред зградата, а со водени топови протерале неколку десетици демонстранти.
Шведското Министерство за надворешни работи соопшти дека персоналот на амбасадата е безбеден.
„Свесни сме за ситуацијата. Нашиот персонал во амбасадата е безбеден и министерството е во редовен контакт со нив“, соопшти шведското министерство.
Во Багдад неколку камиони за цивилна одбрана се на терен за да го изгаснат пожарот. Полицијата со водени топови и електрични палки ги протерува демонстрантите, а тие одговараат со фрлање на камења, додаде Франс прес.
Видете и ова: Ердоган ја критикуваше Шведска за протестот на кој беше запален КуранотИрачкото Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека „најостро“ го осудува палењето на шведската Амбасада во Багдад и ги повика безбедносните сили веднаш да почнат истрага, пренесуваат француските медиуми.
Во текот на ноќта, некои демонстранти во близина на шведската амбасада мавтаа со копии од Куранот, други мавтаа со портретите на Мохамед ал-Садр, влијателниот шиитски свештеник и татко на Моктада Садр.
Упадот во амбасадата во Багдад следува откако шведската полиција одобри митинг во Стокхолм во четврток, 20 јули.
Организатор е Салван Момика, ирачки бегалец во Шведска, кој како што се наведува, планира да запали копија од Куранот и ирачкото знаме пред ирачката амбасада.