Дваесет повредени во руските напади на Миколаев и Одеса

Последици од ракетниот напад на градот Одеса, 19 јули 2023 година

Најмалку 20 лица се повредени рано во четвртокот во руски напад врз Миколаев и Одеса, пристанишни градови во јужна Украина, соопштија локалните власти.

„Русите го погодија центарот на градот Миколаев. Гореше една гаража и трикатна станбена зграда. Пожарникарите излегоа на лице место“, изјави гувернерот на таа област Виталиј Ким.

Тој додаде дека 18 лица се повредени, од кои девет се пренесени во болница, а меѓу нив има и пет деца.

Видете и ова: Нови напади на Одеса и Киев, евакуација од Крим поради пожар на воени локации

Ким не го прецизираше типот на оружјето користено во нападот, пренесува агенцијата Франс прес. Градските власти соопштија дека се оштетени пет станбени објекти.

Во Одеса, голем украински пристанишен град на Црното Море, на околу 100 километри југозападно од Миколаев, две лица се повредени во руски напад, соопштија локалните власти.

Тоа е трета последователна ноќ на руски напади врз Одеса.