Три лица загинаа, а неколку се повредени во невремето што попладнето го зафати Загреб и другите делови на континентална Хрватска, соопшти Хрватската цивилна заштита.
Двајца мажи загинаа кога врз нив паднало дрво, изјави Љупка Хитрова од Наставниот институт за итна медицина на Град Загреб.
Четириесетгодишен возач загина и во општина Черник во Бродско-посавинската жупанија поради паѓање на дрво врз возилото.
Поради невремето итните служби примиле над 700 повици, меѓу кои и неколку пријави за повредени, а пожарникарите имале 50 интервенции.
Поради последиците од невремето, железничкиот сообраќај е во прекин на повеќе делници.
Една жртва на невремето и во Словенија
Едно лице загина во Блед по пад на дрво соборено од жестоко невреме, соопшти полицијата од Крањ на 19 јули.
Во удар на гром се повредени две лица.
Временски непогоди попладнево ја зафатија Словенија движејќи се од запад кон исток и предизвикаа големи штети низ целата земја, јави агенцијата СТА.
Во Босна и Херцеговина едно лице загина, аеродромот во Бања Лука затворен
Една жена загина во средата вечерта во невремето што го погоди Брчко, на северот на Босна и Херцеговина, а повеќе од 20 лица побарале медицинска помош, изјави за агенцијата СРНА портпаролот на Јавната здравствена установа Сеад Шадиќ.
Истиот извор наведува дека итната помош имала седум интервенции и дека се работи за полесни повреди предизвикани од пад или удар со тап предмет.
Се додава дека ветерот во Брчко корнел дрвја, кршел гранки, оштетил неколку автомобили, а се случиле и два пожари.
На подрачјето на Самац, на северот на Босна и Херцеговина, Штабот за вонредни ситуации прогласи состојба на елементарна непогода во оваа општина, откако бурниот ветер предизвика големи материјални штети на приватни, деловни и станбени објекти, јавува Радио-телевизија на Република Српска.
Во исто време затворен за сообраќај е и аеродромот во Бања Лука, бидејќи попладнето невремето го оштети покривот на пристанишната зграда на компанијата Аеродром Република Српска, соопштија од компанијата.
Невремето попладне е забележано и во Добој, каде дождот ги поплави улиците.
Две лица се повредени во невреме во Нови Сад
Две лица се повредени во невреме во Нови Сад, јавува Радио-телевизија на Србија.
На лице место укажана е лекарска помош на дванаесетгодишно девојче, на кое паднало дрво и е пренесено на хируршкото одделение во Детската болница во Нови Сад.
Таа е свесна и во стабилна состојба, потврди за РТС Зоран Круљ, портпарол на Итната помош во Нови Сад.
Ветерот соборил од скутер 74-годишен маж, кој во свесна состојба бил пренесен на хируршкото одделение на Ургентниот центар во Нови Сад, јавува РТС.
Во некои делови од градот нема вода и струја, додека во Сремски Карловци нема струја.
Граѓаните масовно пријавуваат штети на објекти.
На повеќе места во градот била забележана и полиција која предупредува на отежнати услови за движење.
Невремето урна неколку дрвја и сообраќајни знаци во Белград.
Припадници на Одделението за вонредни состојби евакуирале 15 лица од невремето што вечерта ја зафати Србија, јавува Радио-телевизија на Србија.
Секторот за вонредни ситуации интервенираше претежно на неколку места во Војводина на северот од земјата, каде беа евакуирани 12 лица.
Министерството за внатрешни работи на Србија издаде упатство за однесување во случај на невреме.
Во Крагуевац, во централна Србија, екипи евакуираа три лица од невремето.
Граѓаните на социјалните мрежи објавуваат фотографии од штетите по невремето - штети на станбени згради и јавни објекти, автомобили и патишта, скршени дрвја.
Зборуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој од Брисел порача дека ќе се справи со последиците од невремето по враќањето во земјава.
Само се надевам дека нема жртви, ќе се погрижиме за се друго“, рече тој.
Електродистрибуција Србија соопшти дека поради силното невреме се забележани голем број дефекти и штети на нисконапонската мрежа, особено во Белград и градовите Војводина - Сремска Митровица, Бачка Паланка, Шид, Рума, Темерин.
Дефекти има и во други градови на Србија, меѓу другите, во Ваљево и Смедеревска Паланка.
На некои пруги во Србија дошло до проблем при напојување на контактната мрежа над шините со струја и паднале дрвја на шините, што предизвикало потешкотии во функционирањето на железничкиот сообраќај на некои делници, соопштија од Инфраструктурата на Железниците на Србија.