Скопје мириса на чад - пожари во паркот во Гази Баба и кај салата Борис Трајковски

Пожарна илустрација

Пожари денеска избувнаа во Скопје - еден во депонијата кај Аква паркот во спортскиот центар „Борис Трајковски“, а другиот во Парк-шумата Гази Баба. Се запали и автобус на ЈСП во близина на гаражите на јавното претпријатие во Автокоманда. Миризбата на чад се уште и вечерва се чувствува во центарот на Скопје.

Според Центарот за управување со кризи ЦУК, во депонијата кај Борис Трајковски повеќе нема опасност од проширување, а пожарот бил догасуван внатрешно поради голема количина на ѓубре на дадената површина.

Во гаснењето на пожарот кај Аква паркот од изутрината биле вклучени 14 пожарникари со седум противпожарни возила.

Во парк шумата во Гази Баба горела сува трева и грмушки и биле вклучени само две возила и петмина пожарникари.

Пожарот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски бил пријавен уште утрово во 10.36 часот пожарот и станува збор за запалена дива депонија на површина од околу 5.000 квадратни метри, велат од ЦУК.

Во автобусот на ЈСП немало патници. Се запалил попладнево во близина на гаражите на јавното претпријатие во Автокоманда.

Од ЈСП информираат дека е причинета поголема материјална штета и дека причините за пожарот допрва ќе се утврдуваат откако ќе заврши увидот.