Од Камчев до Кремљ

МАКЕДОНИЈА / САД - Американската Канцеларијата за контрола на странски имоти при Департментот за финансии на САД (OFAC – ККСИ) го назначи Орце Камчев на листата лица кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување, се вели во денешното соопштение на оваа институција. Овие санкции значат дека на Камчев му се замрзнува имотот во САД и му се забранети трансакции.

САД / МАКЕДОНИЈА - Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер, по ставањето на бизнисменот Орце Камчев на црната листа на САД поради сомневање за корупција, наведе дека САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани лица кои го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста во Северна Македонија. Таа на твитер напиша дека санкциите ќе имаат влијание не само врз Камчев туку и врз оние кои имаат бизнис со него.

ХРВАТСКА - Во невреме што денеска го зафати Загреб, загинати се двајца мажи, а повеќе луѓе се повредени, изјави Љупка Хитрова од Институтот за обука на Итна медицинска помош на Градот Загреб.
Силно невреме пропратено со дожд и бурен ветер го зафати Загреб околу 16 часот.
„Двајца мажи загинаа како последица на паѓање на дрвја. Имаа повеќе повреди на главата“, рече Хитрова.

АВГАНИСТАН - Протестот денеска на десетици авганистански жени во Кабул поради забраната за работа на козметички салони, го растурија талибанските сили со шмркови, електрошокери и истрели од огнено оружје во воздух. Талибанците овој месец им дадоа на сопствениците на салоните рок од еден месец да ги затворат своите продавници, што предизвика загриженост кај меѓународните претставници за влијанието врз жените претприемачи. Талибанците велат дека ги забраниле козметичките салони бидејќи нуделе услуги забранети во исламот.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека не е прифатлив начинот на кој уставните измени биле доставени во Парламентот, дека се под бугарски диктат и дека со тоа Владата дополнително го усложнувала процесот.
„Со тоа што дефинираше текст на уставни измени што не само што е неприфатлив туку е тотално неразумен, изјави Мицкоски откако вчера Владата го достави Предлогот за уставни измени до Парламентот.

СРБИЈА / КОСОВО / ЕУ - Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак денеска имаше одвоени средби во Брисел, едната со главниот српски преговарач Петер Петковиќ, а другата со шефот на преговарачкиот тим на Косово Бесник Бислими за новата рунда дијалог меѓу Косово и Србија.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека во текот на ноќта извршила „намерен напад“ врз инфраструктурата за жито во црноморското пристаниште Одеса. Големите експлозии и пожарот во руско складиште за муниција на анектираниот полуостров Крим, принудија масовна евакуација и затворање на автопатиштата. Нападот во текот на ноќта врз регионот на Одеса беше „најмасовниот“ од почетокот на војната, изјавија за Радио Слободна Европа од воената администрација на регионот. Друг функционер рече дека тоа било „ноќ од пеколот“.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за економија Крешник Бектеши се врати од пат во САД и најпрво не пред Владата туку пред медиумите на брифинг објаснуваше зошто е побарано и одобрено спојување на две концесии за експлоатација на бакар и злато од компанијата Еуромакс Ресоурцес ДОО Скопје, за рудникот Иловица. Тврди дека Министерството за економија само го почитувало законот и насоките дадени од Управниот суд.
„Уште сто пати да се повтори оваа ситуација, уште сто пати би одлучиле идентично“, дециден е Бектеши.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Шефот на британската разузнавачка агенција МИ6 во средата ги повика Русите кои се противат на војната во Украина да „се приклучат“ на неговата разузнавачка служба и да го прекинат крвопролевањето. Во својот втор говор откако стана шеф на Тајната служба во 2020 година, Ричард Мур го изрази своето уверување дека има многу мали шанси Русија да ја врати предноста во Украина.

МАКЕДОНИЈА - Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 15 физички лица и 3 правни лица, и тоа против 11 физички лица за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, од кои против 9 за сторено кривично дело „даночна измама“, додека едно лице освен за овие две дела, заедно со уште четири физички и три правни лица се сомничат дека сториле кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ според Кривичниот законик.

ГРЦИЈА - Три села и хотел во планински дел на грчкиот остров Родос и две села во Мегара, во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, се евакуираат поради пожарите што сè уште не се ставени под контрола, јавуваат агенциите. Преку бројот 112 за итни случаи од жителите на селата во близина на пожарот, како во Атика, така и на Родос, беше побарано да се евакуираат.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја рано утринава лансираше две балистички ракети во правец на исток и се чини, дека двете паднале надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, изјави јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада, јавуваат агенциите.